Најпрестижната болница во Шведска, Каролинската болница, ги преразгледува своите протоколи и веќе не им дава хормони на неполнолетни. Ќе направи ли чекор наназад првата земја во светот што ги призна правата на трансродовите лица?
За да раскаже што се случило со нејзината ќерка, Аса преферира да го покаже албумот со слики од својата ќерка што ги сликала секој месец откако наполнила 14 години. "Тоа е време кога Јохана започна да ја потстрижува косата многу кратко, да си става преврска на градите, за да ѝ бидат сплескани." - започнува таа. Сликите следат една по друга, насмевката исчезнува, лицето сосема ѝ ослабнува. "Таа се разболе, анорексија. Во болницата забележав дека посетува транссексуални профили на социјалните мрежи. Ми соопшти дека страда од родова дисфорија, дека веќе не може да си го поднесе телото... Таа реши да стане Каспер, момче.“
Во тоа време, лицето ѝ изгледа понастојчиво, со бојадисана коса, мажествен изглед. А потоа, на 19 години, Јохана повторно се појавува како девојче, со мистериозен блесок во нејзиниот поглед: „Ова патешествие продолжи две долги години“, се возбудува Аса. „Ќерка ми си го промени полот, својот идентитет, но после тоа имаше огромна храброст да си ја признае грешката. Многу се гордеам со неа.“
Ова „патешествие“, како што го нарекува Аса, го поминале многу млади во Шведска. Шведска беше прва во светот која во 1972 година ја призна родовата дисфорија, страдање, предизвикано од несовпаѓањето меѓу биолошкиот пол и родовиот идентитет (род) и дала можност властите официјално да ја признаат ваквата транзиција, а исто така и првата обезбедена терапија, со која им се дава храброст на трансродовите лица за таквата транзиција – ако се родени како жени, да станат мажи и обратно.
Сите терапии се земаа во државните клиники од 16 годишна возраст: блокатори на пубертет за најмалите, инјекции со тестостерон или естроген, операција на градите, логопеди за промена на гласот, епилација, пресадување на брада итн. Управата дозволува операција на гениталиите од 18 годишна возраст, создавајќи пенис од клиторисот или со кожа, и моделирајќи вагина преку инверзија на пенисот или со парче црево.
"Враќање назад"
Оттука и недовербата предизвикана во март 2021 година, поради решението на престижната Каролинска болница. Овој пионер во дисфоријата, кој е поврзан со институтот којшто врачува Нобелови награди за медицина, веќе ги откажува хормоналните лекувања на неполнолетни пациенти, освен во рамките на клиничките истражувања.
Каролинската болница се повикува на принципот на превентивност и се потпира на истражувања кои покажуваат дека нема доказ за ефективноста на ваквите лекувања, кои се неповратни, за добросостојбата на пациентите. Примањето на овие хормони во текот на целиот живот би можело да доведе до срцеви заболувања, некои видови рак, остеопороза, тромбоза. Стотината млади лица, кои се веќе подложени на терапија во Стокхолм и не се опфатени со новиот закон, ќе треба да потпишат документ, кој ги информира за ваквите ризици.
Оваа одлука длабоко ги шокира трансродовите лица во Шведска и асоцијациите, кои ги претставуваат. Според RFSL Ungdomar (ЛГБТИ+ активистичка група – заб.на уред.) која ги таргетира адолесцентите, ова е "враќање назад". "Многу семејства се разочарани, затоа што гледаат како децата им страдаат и знаат дека нема да има лекување" - изјавува Ан-Кристине Руут, претседател на Transammans (национална асоцијација за трансродови – заб.на уред.).
Но, Шведска не е единствената земја која ја преразгледува својата политика во таа сфера. Во Велика Британија, младата Кира Бел, чиишто гради беа оперирани и е лекувана со хормони, кон крајот на 2020 год. го доби спорот против клиниката во Лондон, бидејќи клиниката мошне брзо ја одобрила транзицијата, за којашто Кира денеска се кае. Оттогаш, лечењето е предмет на судско решение за оние помеѓу 16 и 18 годишна возраст, а за најмалите не е дозволено. Во јуни 2020 година, Финска ги смени препораките и сега претпочита психолошка терапија.
Хипер-дијагноза
Она, коешто ги загрижува лекарите, е покачувањето на кривата. Од исклучително ретка појава, од која беа засегнати само неколку души уште од раното детство, родовата дисфорија се претвори во масовна патологија која се појавува со пубертетот. „Во 2001 година, само 12 души биле дијагностицирани под 25 годишна возраст... Во 2018, имаше 1859 дијагностицирани“ - констатира Свен Роман - детски психијатар, кој работи како консултант низ цела Шведска. „Засегнати се сите тинејџери, но најмногу девојчињата меѓу 13 и 17 годишна возраст, кои сакаат да станат момчиња: помеѓу 2008 и 2018 година, оваа бројка се зголеми за 1500%. Во Шведска веќе има повеќе девојчиња коишто примаат тестостерон, отколку момчиња.“
Истата констатација важи и за хируршките операции. Според професорот Микаел Ланден, автор на докторска дисертација за трансексуалноста, просечно само 12 души годишно сакале промена на полот во периодот од 1972 до 1992 година. Денеска бројката е над 2000.
„Станавме повидливи и тоа ги тера повеќето луѓе да размислат за својот идентитет и да ја признаат својата хомосексуалност“, објаснува Јеран Ростам, кој воопшто не е вознемирен од ваквиот пораст. Но, според Свен Роман, причина е сосема различна, постои хипер-дијагноза. "Сите млади имаат грижи за својот идентитет, се бараат себеси, но не се засегнати од родова дисфорија“, вели тој. „Тој проблем најчесто исчезнува во почетокот на зрелата возраст со можност да станат хомосексуалци или не".
Друг загрижувачки показател: овие млади пациенти често страдаат од други психијатриски проблеми, како што се аутизам, депресија, анксиозност. Овие патологии, кои би можеле да ја објаснат причината за родовата дисфорија, може да се лекуваат без примање на хормони или операција. Но, понекогаш оваа реалност е лошо примена од страна на пациентите, коишто се толку уверени во себеси, така што откажуваат да се подложат на целосна оценка на нивното психичко здравје.
Зрелата возраст
За Јохана, како и за други тинејџери, родовата дисфорија обезбедува конкретен и брз одговор на реалните проблеми. Освен тоа, тие не го откриваат тоа во лекарскиот кабинет, туку на социјалните мрежи. „Ги голтав видеата на транссексуалните јутубери, кои се многу популарни во Шведска“, се присетува Јохана. „Според нив, ако им го следиш каналот, тоа е знак дека си транс. Гледав дека се многу среќни поради транзицијата и сакав и јас да бидам како нив“.
Што се однесува до здравствениот систем, тој е далеку од справување со неодлучните: според Петер Салми, експерт во шведското социјално осигурување, 70-80% од луѓето кои посетиле клиника, се дијагностицирани со родова дисфорија. „На првата средба ми рекоа: Честитки, ја откривте вашата хомосексуалност, тоа е храбро дело, каква терапија сакате?" - продолжува Јохана. „За среќа, јас се консултирав еднаш неделно и со независен психолог. Со него зборувавме за сé и постепено разбрав дека мојата омраза кон моето тело, мојата дисфорија, беше последица на анорексијата, а не обратно. Кога го осознав тоа, избувнав во солзи и го убив Каспер“.
Но, за RFSL Ungdomar не бива поради случаите како овој на Јохана да ги забораваме стотиците транссексуалци, кои живеат посреќно благодарение на своето лекување. Затоа асоцијацијата во 2018 г. го поддржа предлог законот да се намали возрасната граница за менување на полот на 12 годишна возраст и за хируршка операција на 15 годишна возраст, без согласност од родителите. "Она, кое највеќе ме иритира, е перцепцијата за младите како неспособни да донесат одлука или да се спознаат себеси" - вели Јеран Ростам.
Од друга страна, Свен Роман напоменува дека предниот дел на мозокот, каде што се формира способноста за оценување на ризиците и се формираат намерите, завршува со својот развиток во 25-тата година од животот. „Точно на таа возраст сме доволно зрели за да направиме толку тешка одлука, како што е менувањето на полот. Освен тоа, токму на таа возраст шведскиот закон дозволува стерилизација, а не порано“.
Преразгледување и „табу“
Дебатата ја подели Шведска, но исто така доби малку поостар и поличен пресврт. Во октомври 2019 година, шокирачки документарен филм на шведската телевизија откри дека Каролинската болница извршувала отстранување на градите на 14-годишни девојчиња. Случајот со Џенифер Ринг исто така ја разбранува јавноста: 32 годишната жена се обеси после менувањето на полот во таа болница, додека пак другите клиники не ѝ одобриле лекување поради тоа што покажувала симптоми на шизофренија. Неодамна, транссексуалната актерка и писателка Алекса Лундберг исто така изјави сомнеж кон својата транзиција.
Премногу далеку ли отидовме? Стравот дека не сме доволно инклузивни или, уште полошо, да не нé сметаат за трансфобични, преовладува кај некои луѓе над научната анализа и разумното размислување за иднината на овие млади лица. "Денеска во Шведска е табу да се има сомнеж за нечиј идентитет" - заклучува Јохана. Свен Роман, пак, го разобличува ограниченото размислување, кое ја искривува проценката на некои специјалисти: „Нив ги интересира само патологија, како биполарно растројство или дисфорија, и (на пациентите) им ги припишуваат сите симптоми што ги гледаат. Тоа може да биде многу опасно за пациентите“.
Принудена да реагира на едностраната одлука на Каролинската болница, прифатена и од други здравствени организации, шведското социјално осигурување постави рок до крајот на годината да востанови нов протокол за лекување.
-----------------
Превод од бугарски: П.А.
Comments