Во неколку наврати во претходните дебати во Виница и Велес, раководителот на Секторот за еднакви можности на жените и мажите, г-ѓа Светлана Цветковска, изјави дека во новиот драфт на предлог-Законот за родова еднаквост, дефиницијата во која се велеше: „Жени, мажи и лицата со разновидни родови идентитети ги опфаќа и лицата до 18 годишна возраст“, односно децата, е отстранета. Точно, дефиницијата веќе не е во новиот драфт кој, патем не може да се најде на ЕНЕР, туку само во некој нивен личен лап топ, сепак да видиме дали навистина овој закон не се однесува и на децата.
Самиот факт што овој предлог-закон е основата врз која се носат стратегии на локално ниво со кои се опфатени младите т.е. лицата под 18 години, доволно кажува дека отстранувањето на дефиницијата е само лексичко шминкање на предлог-законот, за да се стивне гневот на родителите и народот. Но, во пракса гледаме дека не е така и дека уште на недонесен закон, веќе се обидуваат да го имплементираат „родот“ во стратешки документи.
Во реакцијата на МТСП по повод трибината „Зошто НЕ за ССО во училиштата“, иако не е министерство задолжено за образование и наука, самите потврдија дека „родовата еднаквост“ е битна компонента што сакаат да ја интегрираат дури и во образованието, па затоа така ревносно се обидуваат да го оправдаат воведувањето на сеопфатното сексуално образование.
Понатаму, иако се’ уште недонесен законот, Коалицијата за заштита на децата постојано добива информации од родителите дека (навидум некоординирано, но јасно е дека станува збор за многу добра стратегија) во училиштата се спроведуваат анкети за изборни предмети, од кои еден е и предметот по „родова еднаквост“.
Во основното воспитание и образование се забранува секоја дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, попреченост, род, сексуална ориентација, родов идентитет. Во Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување издадено од МОН доминира поимот род, родов идентитет, ЛГБТ маргинализирана заедница. Дури има и прашање, не што се по пол, туку што се по род децата, и наведените опции се: машко, женско, транс и друго.
Како овие термини се воведени во упатства и анкети, кога истите воопшто не се дефинирани во ниту еден соодветен закон и не се знае што точно претставува тоа „род“ и „родов идентитет“ и колку ги има на број? За каков „род“ и „родов идентитет“ станува збор во анкети за деца од основно образование, а од друга страна кажуваат дека не се мешаат во правата на родителите?
Да потсетиме на дефиницијата на МТСП:
„Родов идентитет“ се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може, но и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото тело и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и друго.
Значи, едно момче ако се „чувствува“ како девојче (а како воопшто може да се чувствува како девојче, кога никогаш не бил девојче и не знае какво е тоа чувство), тогаш тоа е навистина девојче, според МТСП.
Она што е очигледно е дека овој закон директно и експлицитно навлегува во сите пори во општествениот живот, како и во приватниот, со што ги регулира сите взаемни односи на луѓето. Следствено, искуството од западните земји ни кажува дека овој закон е само рамка врз која и сите останати закони ќе бидат трансформирани и усогласени. Со тоа ќе се дојде до целосно одземање на правата на родителите. Така што, доколку малолетно дете се декларира како нешто поразлично од неговиот природен биолошки пол, родителите ќе немаат право на глас и старателството, преку социјалните служби, ќе го преземат задолжените за контрола на спроведувањето на „родовата еднаквост“ т.е. Секретаријатот, кој ќе биде во власт на родовите активисти. Тоа е евидентно од бројни примери во Англија, Шведска, Америка, Канада и сите останати држави, каде ваквата форма на закон и ултимативно регулирачко тело се воведени пред повеќе години.
Од овој закон произлегува само едно: целосна контрола врз сите и врз се'.
Comments