Коалицијата за заштита на децата на ден 30.01.2025 год. испрати до Министерството за образование и наука реакција и барање за измена на Концепцијата за гимназиско образование, кое во целост гласи:

Реакција и барање за измена на Концепцијата за гимназиско образование
После детално разгледување на новата Концепција за гимназиско образование, која датира од јануари 2025 год. и е подготвена од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, остро реагираме на обидите уште еднаш да се протне родовата идеологија во образование, овојпат од новата постава на новоизбраната власт. Посочуваме дека и покрај предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и јавните ветувањата на министерката за образование Весна Јаневска дека поради бурната реакција на народот сосема ќе ги исфрли сите родови терминологии од образованието, во самата концепција е воведен и фигурира терминот "род", со кој се изедначуваат полот и родот и со тоа се прави општ хаос.
Ја потсетуваме министерката дека родот не е правно признат во Македонија и се коси со самиот Устав, пришто со воведување на терминот "род" во Концепцијата, всушност го погазува највисокиот правен акт на Македонија. Покрај тоа, за да се воведат такви терминологии во гимназиското образование за малолетници, Министерката треба да докаже дека во гимназиите ширум Македонија има деца кои не го прифаќаат својот биолошки пол, колку се таквите на број, зошто училишните институции во консултација со родителите не им помогнале со соодветна помош за да ја прифатат реалноста, а треба да даде и детална листа колку родови постојат и кои се тие.
Воедно, Коалицијата најостро реагира на тоа што фокусот на самата концепција е глобализмот и програмирање на младите да станат активисти во поддршка на воук идеологиите, особено преку задолжително волонтирање во невладини организации (најчесто, тоа се организации на Сорос), додека учеството во училишните активности како хор, театар, спортски клубови и сл. се опционални и незадолжителни. Наместо да се идентификуваат знаењата и квалификациите кои ќе им бидат потребни понатаму во животот, гледаме преовладување на нешто страно, туѓо и неприфатливо за пазарот на труд во Македонија.
Она што можевме најдобро преку пример да го научиме од американскиот едукативен систем, а што очигледно Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието воопшто не го зеле предвид и ништо не научиле од тој пример, е дека кога децата се индоктринираат во т.н социјална правда, во која спаѓа и прифаќање на родовиот идентитет, остануваат сосема неписмени во однос на битни теми во животот, како математика, географија, историја и сл. Затоа во САД гледаме пораст на млади кои не знаат да кажат колку е часот ако часовникот не е електронски, не знаат од колку држави се состои САД и не знаат дали Унгарија е држава, континент или воопшто не постои.
Покрај тоа, во Концепцијата каде стои дека "развојот на вредностите и ставовите е динамичен процес кој бара постојана поддршка од наставниците и заедницата, се обезбедува преку комбинација на формалното образование, социјалните интеракции и искуственото учење", иако се набројани повеќе чинители, сепак се прави целосно исфрлување на семејството како извор и основа на вредностите со кои се задојуваат децата. Потенцираме дека семејството и воспитувањето во семејството има примарна важност во формирање на карактерот на децата, и тоа е темел на кој почиваат вредностите на малолетниците.
Следствено на горекажаното, сѐ додека целосно не се исфрлат спорните моменти, Коалицијата за заштита на децата останува на ставот дека не се сложува и не прифаќа концепција во која се форсира и наметнува родовата идеологија и во која фокус е глобализмот, активизмот и воук идеологиите, наместо знаење кое е корисното за развојот на децата.
Со почит,
Коалиција за заштита на децата
Во прилог, Концепцијата за гимназиско образование, каде е евидентно дека на стр. 14 фигурира терминот "род" и е изедначен со полот.


Comments