top of page

ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ И ЦЕНЗУРА - ЃОРЃИ ТАНУШЕВ, НЕЗАВИСЕН СОВЕТНИК ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА


Минатиот петок во Струмица се одржа трибина на тема поврзана со сеопфатно сексуално образование во организација на фондација Елеуса. Говорници беа Венко Андоновски, Викарниот епископ Јаков Стобиски и Гордана Гоџо. Салата беше преполна со граѓани, беа присутни политичари од општините и парламентот, верници и атеисти, жени и мажи, млади и стари.


На трибината беа презентирани аргументи зошто не треба да има такво образование во училиштата, но имаше и аргументи за други теми поврзани со род и пол, трансродност и ЛГБТ, законски решенија кои се во фаза на изработка и измена на постојната легислатива во Македонија, потенцијални ефекти од примена на таквите закони како и компаративни искуства и статистики од други земји каде ова веќе функционира.


Во презентацијата беа цитирани податоци од релевантни и кредибилни извори како UNICEF, WHO, Gallup, ЕНЕР и други, но беа дадени примери од сегашните прирачници кои делумно веќе се користат во некои училиштата во Македонија. Имаше и извадоци од вести од реномирани странски медиуми NY Times, Guardian, BBC и слични.


Евидентно беше дека публиката не очекуваше ваква трибина. Општиот впечаток е дека скоро сите присутни беа благо кажано вчудоневидени зошто никогаш никаде нема видено и чуено ваков поглед на работите и уште повеќе не се во тек со законските измени и евентуални ефекти од примената на тие закони. Се отворија многу дилеми за прашања кои досега не се дискутираа и за кои нужно треба да се одвои време и енергија за јавна комуникација.


При тоа не мислам дека на трибината воопште некој имаше некакви дилеми за потребата од унапредувањето на положбата на жената во македонското општество и намалување на стереотипноста на улогите во него. Едноставно немаше такво нешто и напротив беа искажани заложби за феминизам и загрижености од положбата на жените во услови кога биолошки мажи кои ќе се идетификуваат како жени ќе бидат на исти позиции, што веќе се случува во други земји.


Но главните дилеми се однесуваа на децата и ќе спомнам само некои од нив. Дали децата и малолетниците до 18 години треба да имаат сеопфатно сексуално образование кое вклучува и теми од транссексуалност и хомосексуалност, дали децата имаат капацитет со сигурност да разграничат и одредат идентитет различен од биолошки пол, дали што тоа би значело индоктринација ако таквите идеи им се сервираат во образовниот процес, какви се искуствата и проблемите од другите земји каде сеопфатно сексуално образование во различни компоненти некаде е застапено уште од 6 години, какви се последиците од сето ова, какви се други промени ќе настанат со имплементација на законските решенија и ред други дилеми.


На прашањата и дилемите кои се подигнаа од оваа трибина очекував одговори и контра-прашања од другата страна со исто така изложени аргументи. Макар јавно објавени и адресирани точно за она што беше кажано на трибината. Дури очекував двете страни евентуално да седнат на иста маса и јавно да се дебатира. Затоа што сепак се работи за значајна општествена дилема ќе предизвика ефекти во јавниот живот и која секако ќе се решава со политички средства што ќе резултира со политики имплементирани во законите преку пратениците во собранието. Секако дека граѓаните ќе ги постават овие прашања на политичките партии, особено во предизборен период и секако нема да биде оставена без широка и опсежна дискусија…


Но наместо тоа што се случи?


Дописи со суптилни закани и барања за цензура по медиуми, повици и прозивања за изнудено јавно одрекување или извинување зошто биле присустни на трибината, оркестрирани напади и лични дискредитирања, комбинирање на уцени и закани за раскинувања на договори за соработка каде предмет е токму помош и јакнење на жените и жртвите на семејно насилство, повици по локални организации и барања за мобилизација во вршење на притисок и паушални обвинувања со никакви аргументи и изразување на некаква згрозеност како се појавиле луѓе на трибината, прозивки за некаква демонстративна реакција на самата трибина итн…


Чекајте малку, па ова е во целосна и секаква спротивност со изразување на слободна воља, слободно мислење па дури и слободен пристап до информации и најлошо од се сето ова е брутално изведено без разлика тоа дали присутните се согласувале или не со аргументите изнесени на трибината. И тоа најчесто од луѓе кои ниту виделе ниту се потрудиле да видат, а пак оние што виделе го прават истото без да дадат некакво објаснување зошто сметаат дека информациите од трибината се погрешни и да посочат конкретно контра-аргументи. Па и уште има реакции “нема што да се гледа”…

Ова воопшто не личи на ништо од она што со години се “проповеда” на секакви обуки, проекти, експертски анализи и препораки, стратегии, акциони планови итн.


Аман луѓе вие ли сте истите оние што декларативно се залагавте за да се чуе сечие мислење, да се има аргументирано дебатирање и да не се служи со лични дискредитации во недостиг на аргументи??!


Па прочитајте си самите што се напишавте овие денови и каде ви се аргументите во сето ова? Кога веќе така настапувате зошто воопшто инсистирате на медиумска цензура??! Зошто луѓето од општината што биле присутни на трибината треба да даваат отчет зошто биле или да се оградуваат??!


Кое е ова лицемерие и какви се овие панични реакции со брутален притисок на неколку големи невладини организации и нивни истурени постави по министерствата врз општина Струмица и граѓаните на Струмица??! Па и најави за откажување проекти поврзани со општина Струмица каде крајни корисници би биле токму жените?!


Ако е таква работата и ако се се сведува на уцени, тогаш воопшто и не сте ни потребни, но не само на општина Струмица туку и на сите останати општини. Што е ова ако не класична трговија со влијание… И ако е тоа така, останува сомнеж какви други слични трговии со “донации” за влијание има на повисоки инстанци? Уште повеќе што на трибината имаше дел и за тоа како се поврзани исти луѓе во различни мрежи и организации кои де факто признаваат дека имаат пари и имаат влијание во институциите но немаат во мнозинството граѓани. Или тоа не треба да го гледаме и прашуваме?


Граѓаните мора да се информаат пред да изградат или утврдат свои ставови во врска со целото ова. Не треба да се оставаат работите под тепих, а особено не кога се работи за теми кои лесно можат да предизвикат непотребна конфузија и поларизација во општеството кое и без тоа е поделено по безброј прашања. Наместо тоа потребно е транспарентност, ладни глави и релевантни аргументи од спротиставените страни.


Ова што се случи и се случува во позадина ја покажува нетрпеливоста на оние што цело време го движат наративот на нужност за информираност освен кога има поинакви мислења. Сосема друга работа е дали некој се согласува или не, сосема трета работа е што наместо одговори и аргументи извршивте различни притисоци на оние што биле на трибината и изнудувате некакви извинувања…


Изразувам целосна поддршка за епископот Јаков Стобиски особено затоа што иницира вакво внимание на јавноста за нешто што може да предизвика значајни ефекти и сензитивност во македонското општество. Учество на пошироката јавност во вакви промени мора да има без никакви притисоци и уцени.


Во коментар е линк до видеото од целата трибина која излезе дека толку многу ви пречи да биде видено и токму затоа ве повикувам да го изгледате. Исто така има линкови до предлог Законот за родова еднаквост и предлог измените на Законот за матична евиденција.


Преземено: Фејсбук

Comentários


bottom of page