top of page

(ВИДЕО) ГОСТУВАЊЕ ВО ЕМИСИЈАТА „СТАДИОН“ НА РАДИО КАНАЛ 77

На покана на домаќинот г-динот Столе Наумов, минатата сабота во емисијата Стадион што се емитува на радио Канал 77 гостуваше г-ѓа Гордана Гоџо како претставник на Коалицијата за заштита на децата. Во емисијата се разговараше за родовата идеологија и законите кои се наметнуваат за спроведување на истата, вклучувајќи го и сеопфатното сексуално образование.


Иако неколку пати побаравме соочување и дебата со другата гостинка, г-ѓата Марија Савовска од организацијата Акција Здруженска, која е застапник и промотор на родовата идеологија и сеопфатното сексуално образование, сепак г-ѓа Савовска не се покажа доволно храбра за таков потфат, така што секое излагање беше снимено посебно.


Меѓутоа, она што беше очебијно и за нас, но и за слушателите, како што самите се изјаснија, е дека г-динот Наумов отворено има заземено страна и се залага за протуркување на родовата идеологија, така што сепак ова беше еден вид дебата со водителот на емисијата. Ќе забележите дека во неговиот однос кон г-ѓа Гоџо тој постојано агресивно напаѓа, упаѓа во збор и ја прекинува, за таа да не може да се искаже, а во односот кон г-ѓата Савовска покажува толерантност, професионализам и поддршка. Иако од негови колеги новинари бевме предупредени дека е наклонет кон прогресивизмот и либералните ЛГБТИ+ движења и дека од таа причина разговорот нема да биде пријатен, ние сепак решивме да бидеме дел од емисијата, зашто вистината не се плаши од напади, и ниту една лага и манипулација не може да ја совлада и покори.


Она што е впечатливо од целиот разговор е дека тие кои се залагаат за родовата идеологија секогаш даваат банални и апсурдни примери за да ги оправдаат своите ставови. Најсилниот аргумент што го чувме беше дека жена домаќинка е онаа која готви и чисти, а според г-динот Наумов не е во ред само жените да готват и чистат. Ќе го оставиме настрана фактот што г-ѓа Гоџо презентира одличен пример од нејзиниот личен живот - дека нејзиниот сопруг е оној кој повеќе време поминува во кујната, и ќе образложиме зошто овој негов аргумент е емотивен аргумент, кој нема никаква врска со предложениот Закон за родова еднаквост.


Лажно се тврди дека со Законот за родова еднаквост ќе се обезбедат еднакви можности и за мажите и жените, иако оние кои активно работат на овој закон веќе јавно кажаа дека истиот не се однесува само на мажите и жените, туку и на лицата со сите „разни родови идентитети“.


Од друга страна, за пример се земаат „угнетените“ жени домаќинки како оправдание зашто е потребен овој закон, но воопшто не кажуваат како овој закон ќе регулира кој готви и кој чисти во домаќинствата? Дали полиција ќе оди од врата до врата за да проверува како сопружниците си ги уредиле своите обрски меѓу нив? Како ќе ги казнува мажите доколку само жените готват? Претпоставуваме дека овие реторички прашања доволно разјаснуваат зошто ваквите примери се банални, апсурдни и смешни.


Другата гостинка, г-ѓа Савовска, која е промотор и застапник на родовата идеологија, исто така во неколку наврати даде небулозни изјави, но ќе извдоиме само неколку за анализа. Таа тврдеше дека им го оспоруваме правото на оние со различен родов идентитет. Сметаме дека нивното право воопшто не е оспорено, затоа што веќе постојат запишано со пол машки и женски во секој еден официјален документ, а според нив полот не е исто што и род. Напротив, тие нам ни го оспоруваат правото на постоење кога нашиот пол се обидуваат да го сведат на социјален конструкт и бараат истиот да се прилагоди и адаптира на нечиј родов идентитет. Со тоа, мажи што се идентификуваат како жени ќе можат да аплицираат на работни места кои се отстапени за женската популација, со што ќе им ги одземаат местата и правата на жените.


Во истиот тој контекст, таа изјави дека полот не можел да се сведе само на машки и женски, туку имало и такви кои се неодредени, како интерполовите лица. Ова е квази-научен аргумент, за кој не постои научен доказ со кој може да се потврди дека полот е спектрум. Напротив, биологијата, медицината, антропологијата и секоја друга наука потврдува дека полот е бинарен. Што се однесува до интерполовоста, тоа е генетска аномалија и претставува медицинска состојба која е мошне ретка појава. Тоа може да го споредиме со едноставен пример. Постојат луѓе кои имаат полидактилија, генетска аномалија која предизвикува зголемен број на прсти т.е. шест прсти на нозете и/или рацете. Сепак, науката не тврди дека луѓето имаат 6 прсти. Напротив, нормалата по која се води науката е дека луѓето имаат по 5 прсти, а сето поразлично од тоа е аномалија. Истото се однесува и на интерполовоста, која процентуално е приближно слична со процентот на луѓе со полидактилија. Науката тврди дека има само два пола – машки и женски, но дека постојат аномалии поради кои луѓето се раѓаат и со машки и со женски репродуктивни органи.


Друга небулоза која беше изјавена од страна на г-ѓа Савовска беше тоа дека родот како поим го вовеле феминистките. Ова претставува историска и фактичка невистина, но дури и да претпоставиме дека е така, таа јасно ни кажува дека родот е измислено нешто и воведено од лица кои немаат врска со науката, туку се дел од општествено-социјално движење. Сепак, ние претпочитаме да се држиме до вистината и затоа накратко изложуваме од каде потекнува идејата за родот и родовиот идентитет.


Татко на „родот“ и „родовиот идентитет“ се смета Џон Мани, психологот и сексологот кој сексуално злоупотребувал деца и им го менувал идентитетот, само за да ја докаже својата теорија.


Имено, Дејвид, едно од децата кои Мани ги злоупотребувал и на кое се темели целата негова теорија, е роден како машко бебе по име Брус и идентичен близнак со неговиот брат Брајан. Како бебе, имал проблем со уринирањето и при несоодветен хирушки третман, пенисот му бил оштетен до степен што не можел да се поправи. Неговите родители, не знаејќи што да прават, отишле да се консултираат со познатиот психолог и сексолог Џон Мани. По негов совет и настојување, родителите се одлучиле да го „сменат“ полот на Дејвид. Целта на Мани била да направи експеримент со кој на светот ќе му докаже дека неговата теорија дека полот е флуиден е точна.


По промената на полот, Мани продолжил да го надгледува Дејвид, сега веќе со женски идентитет и женско име – Бренда. Но, не застанал само на надгледување. Дејвид подоцна обелодени дека Мани го терал него и брат му да земаат учество во сексуални експерименти, најчесто секс пози во кои Дејвид бил долу, со раширени нозе, а брат му врз него, или ги терал соблечени да си ги испитуваат гениталиите, бидејќи Мани сметал дека ваквата „игра“ била важна за развивање на родовиот идентитет.


На 13 години, Дејвид станал депресивен и имал помисли за самоубиство. Се заканувал на своите родители дека ќе си го одземе животот доколку го натераат уште еднаш да појде кај Мани.


На 14 годишна возраст, за првпат дознал дека е роден како машко и решава да почне да живее според неговиот природен пол.


Во 1997 година Дејвид ја кажал својата приказна на академскиот сексолог Милтон Дајмонд, кој успеал да го убеди да излезе во јавноста и да раскаже што му се случило, со цел да се спречат други доктори да ја повторат истата грешка.


Во неговата биографија (2000), спротивно на извештаите на Мани, опишано е дека кога живеел како женско, Дејвид воопшто не се идентификувал себеси како девојче, туку имал сосема машки карактеристики, поради што бил подложен и на мобинг/булинг од децата на негова возраст.


На 38 годишна возраст, поради траумите кои ги доживеал за да се докаже теоријата дека „родовиот идентитет“ е флуиден, Дејвид си го одзел животот со пиштол.




bottom of page