top of page

РЕВИЗИЈА НА УСЛУГИТЕ ЗА РОДОВ ИДЕНТИТЕТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ ВО АНГЛИЈА

Извор: BMJ 2022;376:o629



Од Хилари Кас, лекар и консултант за детска попреченост, претседавач на телото за независна ревизија на услугите за родов идентитет за деца и млади луѓе во Англија:

Современата клиничка пракса ни наметнува секојдневни предизвици, кои се многу поразлични од повеќето дидактички теми што сме ги обработувале на медицинскиот факултет. Во нив спаѓаат советувања за можни опции за третман при слаба поткрепа од базата на докази, сложени прашања на ризик и мерки за претпазливост и заштита, етички дилеми за тоа како да се гарантира најдобриот интерес на ранливите поединци, безбедност на услугите во услови на недостиг на работна сила и поларизирани општествени гледишта за она што Националната здравствена служба (NHS) може и треба да направи. Лекарите што работат со деца и млади луѓе, кои страдаат од психички потешкотии заради својот пол, се соочуваат со секоја од овие дилеми.


Во 2019 година, Националната здравствена служба на Англија (NHS England) ми побара да претседавам со работна група за политики, која ќе ги разгледа објавените докази за употребата на хормонски третмани кај деца и млади луѓе со родова дисфорија, а во 2020 година да ја проширам таа надлежност за да спроведам независна ревизија на поширокиот клинички пристап и модел на услуга за оваа група. 1

Контекстот за доверување на оваа поширока ревизија беше слабата база на докази што треба да ја поткрепува тековната практика на препишување аналози на гонадотропин – ослободувачки хормон, за да се запре пубертетот кај деца и млади луѓе со родова дисфорија, како и неизвесноста околу последователното препишување на хормони од спротивниот пол. 2 3


Претходната деценија забележа драматично зголемување на бројот на упати до Службата за развој на родовиот идентитет, во Тависток и Портман (единствената специјалистичка служба со договор за опфат на оваа популација во Англија), од околу 50 случаи во 2009 година на над 2700 во 2019/20 година.4 5 Ова беше придружено со промена во самата распределба на типот на случаи, па така од претежно случаи на лица со регистриран машки пол при раѓање, кои манифестираат неусогласеност со полот од рана возраст, се дојде до предоминантно лица родени во женски пол, кои манифестираат ваква вознемиреност во периодот на адолесценција.4


Покрај тоа, приближно една третина од децата и младите упатени кон специјалистичката служба имале аутизам или други типови на невродиверзитет. Причините за овие промени не беа соодветно истражени или разбрани. Овие прашања се откриваа во позадината на судскиот случај “Бел против Тависток” и ги поларизираа дебатите во самото општество за правата и заштитата на трансродовите возрасни лица. 6


Мојот времен извештај ги поставува моите првични наоди и мислења. Овде ги изложив моите поконкретни размислувања за клиничките колеги. 7



Сл. 1 Однос по пол, деца и адолесценти кои се упатени во

специјалистичките служби во Британија, по години (2009 – 2016)

Децата и младите со родова дисфорија мора да ги добијат истите стандарди на грижа и нега како и секое друго дете или младо лице, кое пристапува до услугите на државното здравство


Лекарите од примарната и секундарната здравствена заштита пријавиле во Ревизијата дека се плашат да прегледуваат деца и млади луѓе со вознемиреност поврзана со сопствениот пол, поради недостаток на докази и насоки за соодветно третирање, како и поради токсичноста на дебатите во општеството. 8


Некои лекари, исто така, изјавија дека не се чувствуваат способни да го преземат процесот на проценка и диференцијална дијагноза, што е норма во нивната клиничка пракса, бидејќи сфатиле дека постои очекување за безусловен афирмативен пристап. Тие сметаа дека ова е во спротивност со поотворена и похолистична евалуација на факторите, кои довеле до таква презентација кај младата личност и во спротивност со едно поопширно разгледување на опсегот на можни опции за поддршка и третман.


Како резултат на тоа, мнозинството директно беа препраќани во специјалистичката служба за родов идентитет, каде што листата на чекање сега надминува 2 и пол години. Ова значи дека овие пациенти не го добиваат истото ниво на грижа и поддршка, како и другите млади луѓе со слични душевни потешкотии, и покрај тоа што се изложени на висок ризик за своето ментално здравје и прашања за претпазливост и заштита.


Поддршка, обука и насоки за клиничкиот персонал на сите нивоа ќе бидат од суштинско значење, доколку се сака да се реши оваа нееднаквост.



Сл. 2 Број на упати кон специјалистичката служба за

родов идентитет кај деца и млади, по години


Децата, младите луѓе и нивните родители мора да имаат информација и пристап до најдобрите можни докази при лекувањето и грижата

Голем дел од постоечката истражувачка база е опсервациска и има недостиг на податоци за долгорочно следење на исходите за децата и младите кои примаат хормонски третман. Дополнително, фокусот на медицинскиот третман предизвика влијанието на немедицинските интервенции, како што се социјалната танзиција и терапевтската поддршка, да бидат недоволно истражени и разбрани.


Во моментов, стручната заедница нема хомогено разбирање за значењето на родовата дисфорија кај младите луѓе и степенот до кој таа може да биде наследна и непроменлива појава, или пофлуиден и времен одговор на низа развојни, социјални, и психолошки фактори. Во отсуство на поотворена дискусија за ова основно прашање, достапното истражување ќе продолжи да се толкува од различни идеолошки гледишта.

Ревизијата нарача широка квалитативна и квантитативна истражувачка програма за да се обиде да одговори на некои од празнините во базата на докази, а нејзиниот успех ќе зависи од севкупниот ангажман од сите заинтересирани страни.


Грижата за децата и младите со родова дисфорија е работа на сите


Дадов мислења до Националната здравствена служба на Англија за тоа како може да се подобрат услугите и пристапот, при што треба да се признае дека само еден специјалистички оператор не може да биде одржлива долгорочна опција за грижа на оваа комплексна група деца и млади луѓе. Исто така, дадов препораки за тоа како грижата и третманот може да бидат побезбедни, во очекување на поцелосните наоди од Ревизијата и нејзината истражувачка програма.


Сепак, и покрај најдобрата волја, комесарот не може да донесе промени без силна поддршка од клиничкиот персонал на сите нивоа во здравството. Особено е важно Медицинските кралски колеџи и другите професионални организации да ги поддржат своите членови да се вклучат во конструктивна и учтива дебата за основните прашања, да работат со ревизорскиот тим за да развијат решенија со консензус за некои од потешките прашања за процената и третманот и да ја преземат грижата за оваа важна и недоволно услужена група деца и млади луѓе.



Сл. 3 Комплексни презентации и комплексни разрешници:

примери, не сеопфатен и исцрпен список


Комплексни презентации:

- Процеси на созревање и минливи процеси

- Претрпена сексуална злоупотреба/ друга траума

- Преиспитување на сопствената сексуална ориентација

- Аутизам и други поврзани состојби

- Долгорочна трајна неусогласеност на полот


Некои од можните разрешници

- Родовата дисфорија се разрешува без никаква транзиција

- Стабилизирање на сексуалноста ја разрешува родовата

дисфорија

- Продолжена родова флуидност

- Социјална транзиција

- Медицинска и/или хируршка транзиција

40 views0 comments
bottom of page