top of page

СТАВ НА ЕВАНГЕЛСКО-ПРОТЕСТАНТСКАТА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗАКОНОТ ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ

Почитувани,


Ние како ЕПИ - Евангелско Протестантска Иницијатива, која обединува 10 евангелско-протестантски деноминации во Македонија, со години наназад ги следиме и промовираме рамноправноста и еднаквите можности на жените и мажите, како и борбата против секаков вид насилство врз жените - со акцент на превенција во спречувањето и заштитата од насилство. На овие полиња, без задршка ја поздравуваме и охрабруваме секоја реформа во правилна насока.


Истовремено, сериозно сме загрижени за брзите и нетранспарентни реформи во законодавството и образованието. Во 2018 реагиравме и за брзото и нетранспарентно ратификување на Истанбулската конвенција без никакви задршки. На слична тема во неколку дописи до МОН во 2020 ги побаравме и наставните материјали по предметот „Сеопфатно сексуално образование“, но ете, до ден денес, 30.03 2023, сè уште не ни се доставени тие материјали, иако тоа е информација од јавен карактер, а министерството има законска должност да ја достави.


Конкретно, во овој предлог закон, најмногу нѐ загрижува тоа што биолошката категорија „пол“ е речиси целосно истисната и заменета со новите контроверзни термини „род“ и „родов идентитет“. Самите дефиниции во Член 4 од овој закон, вклучуваат термини како: род, родов идентитет, лица со разновидни родови идентитети, редефинирање на вековната дефиниција за она што е „жена“ итн. Реформи од овој тип неминовно задираат во повеќе чувствителни теми кои, согласно Член 4 од овој закон, ги опфаќаат и децата - нашите деца - и токму затоа апелираме на јавност, транспарентност и вклучување на поширока јавна расправа пред финализацијата на овој закон. Да бидеме поконкретни, нашите забелешки и барања се однесуваат на:


● Една од главните разлики меѓу овој нов предлог закон и веќе постоечкиот закон за еднакви можности на жените и мажите е тоа што е извршено отстранување на научната биолошка категорија „пол“ со неуставниот идеолошки термин „род“ - термин кој станува нова основа на овој закон.


● Под реториката за еднаквоста на жените, во медиумска сенка се воведува нов термин „родов идентитет“, термин кој е меѓународно контроверзен и нема директна врска со рамноправноста и еднаквите можности на жените. Со воведувањето на овој термин, и заменувањето на терминот биолошката категорија „пол“ со идеолошката - „род“, нашето законодавство, а и образованието на нашите деца, стануваат заложници на она што во светот е познато како „родова идеологија“.


● Терминот „родов идентитет“ дефиниран како внатрешното и индивидуално доживување на личноста, доживување кое се базира на лични чувства - кои научно гледано можат да бидат доста нестабилни и променливи, остава простор за широка злоупотреба од страна на луѓе со криза во идентитетот, луѓе со родова дисфорија, но и манипулативна злоупотреба со себеидентификувањето.


● Член 4 (ст. 7) од законот остава простор за секој маж да може легално да се идентификува како жена, а со тоа и дефиницијата за жена станува апсурдна и бесмислена. За какви тоа права за „жените“ ние би се бореле, ако секој маж може да се идентификува како жена? Што е со правата на вистинските биолошки жени? Во светот секојдневно излегуваат скандали за злоупотреба на жените од страна на мажи кои се идентификуваат како жени.


● Реториката дека, иако овие законски реформи се спротивни на волјата на мнозинството, сепак се неопходни за евро-атланските интеграции на нашата држава е неиздржана, бидејќи сведоци сме дека многу европски држави се имаат воздржано од внесување на родовата идеологија во своите закони и образование, па дури и во самиот Устав се имаат заштитено од неа.


● Секуларноста на нашата држава не дозволува доминација и фаворизирање на ниту едни идеолошки гледишта над други и тоа е основа за почитување и толеранција на различностите меѓу нас.


● Секој човек има право за себе да верува што сака, да се чувствува како сака и да се идентификува како сака. Но, државата, законодавството, образованието треба да се држат до науката и нејзините заклучоци.


● Нашата земја е демократска и плуралистичка држава која вклучува луѓе со широка светогледна разноликост, па затоа овој закон, во неговата широка јавна расправа, треба да вклучи луѓе од повеќе и различни граѓански здруженија. Консултирањето со тесен круг на идеолошки истомисленици од невладиниот сектор и злоупотребата на европското знаме за побрзо да се протурка некој закон, не доликува на демократијата и европските вредности кон кои се стремиме како држава.


● Бидејќи овој закон ќе се применува во образованието и науката (Член 3 ст. 2), а ги опфаќа и лицата до 18 годишна возраст (Член 4 ст. 6), неминовно се наметнува и во основното и средното образование, што пак создава нови проблеми. Ние, родителите на нашите деца, сакаме да ги одгледуваме, воспитуваме и образуваме нашите деца согласно нашиот светоглед, којшто во нашиот случај е христијански и претставува неприкосновено право на човекот согласно член 11 од Уставот на нашата земја. Дополнително, согласно член 26 (став 3) од Универзалната декларација за човекови права: „Родителите имаат првенствено право да го изберат видот на образованието што ќе им биде дадено на нивните деца“. Ова го гарантира и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 18, став 4) каде се вели: „Државните договорнички на овој Пакт се обврзуваат на почитување на слободата на родителите и во случај на потреба на законските старатели, да обезбедат верско и морално воспитување на своите деца согласно сопствени убедувања“. Затоа сметаме дека родителите со верска определба кои, претставуваат над 90% од населението во нашата земја, мора да бидат вклучени во концептуализацијата, јавната расправа и финализацијата на овој закон.


Ние веруваме дека секој човек е создаден според Божјиот лик, и како таков/таква е скапоцен и треба да биде подеднакво вреднуван и почитуван, да ги ужива подеднакво сите права и можности во нашето заедничко општество. Затоа сме против каква било форма на насилство, понижување, дискриминација и нашата цел не е одземање на нечии права, туку заштита на правата и достоинството на сите луѓе подеднакво.

Со надеж за најдобри закони за сите нас,


Евангелско Протестантска Иницијатива (ЕПИ): Христијанска Заедница Тринитас Евангелска Црква во Македонија Христијанска Баптистичка Црква “Радосна Вест” Христијанска Црква „Божји Глас“ Евангелско Протестантска Црква „Гласност“ Евангелска Соборна Црква Скопје Христијанска Црква Слово на Надеж – Скопје Христијански Центар во Република Македонија Христијанска Црква Оаза во Република Македонија Слободна Евангелска Црква “Добра Вест“


За ЕПИ: Евангелско Протестантската Иницијатива претставува здружување на евангелско-протестанските цркви во Македонија.


Лице за контакт:

Никола Галевски контакт: epimkd@gmail.com

Comments


bottom of page