Новинар: Аргирета Атева
Стефанија Гаштарска од 9 годишна возраст се занимава со балет и трудот очигледно ѝ се исплати. Таа е првата Македонка, која стигна до „Бољшој“ во Русија, еден од најстарите и најдобрите театри во светот, кој е водечка светска школа за балет. За оние кои сакаат балет, самото име „Бољшој“ веќе сѐ им кажува. А ако ја искористам денешната терминологија, можам да кажам дека ја имам честа да разговарам со „експерт по балетски вештини“.
Рускиот Форбс ја наведе како една од осумте идни ѕвезди на Русија, а ја споредуваат и со Ана Павлова, најпопуларната и најпознатата балерина во историјата на балетот. Изминативе недели беше актуелна на социјалните мрежи со нејзината реакција за отварањето на Летните олимписки игри, која стана вирална, каде кажа дека во сиот тој „спектакл“ не гледа ништо напредно, туку само трагедија и разочарување. Очигледно, во светот се наметнува едно „ново нормално“, каде се исмеваат традиционалните вредности и се наметнуваат нови „вистини“ дека има повеќе пола и секој може да избере што сака да биде, кое ние може да го прифатиме молчејќи или може да го успориме со тоа што ќе го кажеме својот став јавно, цврсто и непоколебливо, како што младата Стефанија го стори тоа, коешто е за почит. Преку следните прашања сакам да го истражиме токму тоа „ново нормално“, но низ призмата на уметноста и балетот, и да разгледаме дали постојат некакви разлики во половите.
За човек да биде успешна балерина или балетан, потребни се големи жртви, стриктна исхрана, макотрпни вежби. Она што можеме како публика да го видиме е дека балерините се поситни, послаби и полесни од балетаните. Очигледно, треба да се придржувате кон некаков режим на исхрана. Ќе може ли да ни направите некаква паралела како се хранат балетаните, а како балерините, во однос на разновидноста на храната што ја конзумираат и количината? Дали машките или женските внимаваат повеќе на нивната телесна тежина и зошто е тоа така?
С. Гаштарска: За човек да биде уапешен во што било, секако дека е потребна жртва, дисциплина, одговорност, амбиција, работа... А за да си успешен во балетот, потребно е и повеќе од тоа. Како што кажавте, внимаваме на исхраната секако, за да може да се издржат тие напорни вежби, а притоа да се задржи идеална линија потребна е избалансирана исхрана. Јас, лично, јадам здрава храна, не внесувам преработен шеќер, се трудам засладувачите да се природни - мед, урми... јадам многу салати, овошје, обожавам суши, месо кое се покажа за неопходно во мојата професија (бидејќи имаше период и кога бев вегетаријанец). Треба да се внимава буквално на се`.
Во однос на тоа дали машките или женските повеќе внимаваат, би кажала дека исто внимаваат, но секако тие треба да се посилни од нас, па веројатно и јадат повеќе, но секако внимаваат тоа да бие корисна храна за нивното тело.
***
На балетската сцена може да се забележат две различни тела - повисоко, покрупно, помускулесто, за кое нема да згрешам ако речам дека е машко тело (балетан), и понежно, послабо и поситно женско тело (балерина). Како љубител на балетот и некој којшто има посетено голем број балетски претстави, до сега немам видено ниту еднаш балерината да го дига во воздух нејзиниот партнер. Но, затоа пак дигањето на балерината од страна на нејзиниот машки партнер, без разлика дали е мало подигање (на пример, Fish dive/Poisson позиција) или целосно дигање над неговата глава (Grand jeté), е неизоставна слика за секоја една балетска претстава. Верувам дека, за да можат балетаните да ја подигнат таа тежина, треба да имаат посебни вежби за тоа. Во што се состојат тие разлики во тренингот на балерините и балетанитe?
С. Гаштарска: Балетаните треба да посетуваат теретана, но секако кога имаме премногу проби и претстави ние, балерините, сме им доволни за вежбање на мускулите на рацете. Секојдневните поддршки, што се застапени во буквално сите претстави, прават балетанот да има идеално развиено тело, доволно (не премногу), за да може да направи балерината да изгледа како пердувче во неговите раце.
***
Движењата на балетаните се чини дека се посилни и поотсечни, додека убавината на балерините се крие во нивната лефтерност и елеганција во движењата. Ќе може ли да ни кажете неколку очигледни разлики во кореографијата за машките и кореографијата за женските танчари?
С. Гаштарска: Точно, тие треба да изгледаат мажествено, сигурно и стабилно на сцена, за разлика од нас, кои треба да го доловиме точно спротивното - елеганција, нежност, кревкост, освен во некои улоги, каде треба да се покаже и страст, ароганција, заводливост, но секако женственост. Се` зависи од улогата, ама разлика помеѓу балетанот и балерината секако мора да има. Нивната кореографија е повеќе со скокови, туреви и вртешки, а нашата би рекла - покомплексна. Ама секако едни без други не би можеле.
***
Балерините и балетаните се разликуваат и во облеката. Машките, се чини дека носат тесна облека низ која се исцртуваат сите мускули на телото за да се покаже нивната мажественост, а женските се во класични пачки (tutu) фустани со кои доаѓа до израз нивната женственост. Освен тоа, постојат ли други разлики во женската и машката облека, како на пример обувките, бандажот (dance belt) и сл. и зошто постојат тие разлики?
С. Гаштарска: Секако дека се разликуваме и во облеката, но и во обувките. Балетаните користат меки патики, а ние користиме патики со гипс (шпиц патики), кои ни го овозможуваат танцувањето на прсти, по што балетот е познат. Користиме и хулахопки, а балетаните тесни панталони (хеланки), како би се дефинирале нозете и правилното изведување на чекорите би било видливо.
***
Улогите во балетот се делат според пол и според способноста. Така, улогата на заспаната убавица, Одета од Лебедово езеро и сл. се даваат на женски балерини, а принцот или баронот го играат само балетани. Дали некогаш во Бољшој имате подготвувано сериозна претстава, која не е комична и саркастична, каде принцезата ја игра балетан, а балерината е принц? И дали може наскоро да очекуваме од Бољшој да земе чекор со времето и да ги следи трендовите на „новото нормално“?
С. Гаштарска: Никако не очекувам да се случи такво нешто. Ниту „Бољшој“ ниту кој било театар во Русија сметам дека не би издеформирале на таков начин една претстава, посебно не оние култни балетски претстави од железниот репертоар, како примерот што го спомнавте - Лебедово езеро. Русија не следи трендови и би рекла дека и не треба да следи кога е балетот во прашање. Тие се држат до традицијата и кореографиите на претставите се играат изворно, без да се промени ни еден чекор од моментот кога се поставени. А и жално би било такви генијални дела да бидат уништени со „модернизирање", што и да значи тоа. Секако, се прават современи претстави, но и во нив се знае која улога е за балетанот, а која за балерината и, според мене, тоа така треба и да остане.
***
За крај, една задача за Вас. „Модерните" луѓе велат дека родовиот идентитет е социјален конструкт и дека секој може да избере дали сака да биде маж, жена или нешто сосем друго. Замислете дека сценариото од претходното прашање станува реалност. На пример, балетан ја игра Одета, а балерина го игра принцот Зигфрид. Балерината е во машка облека, па дури и без облека т.е. гола горе (вообичаена пракса за балетаните), го крева балетанот во воздух над нејзината глава, а балетанот е во фустан, со фризура и украси на косата, се обидува да биде што е можно поелегантен и поженствен. Како ви изгледа сето тоа Вам? Гледате ли некоја убавина во таквата замена на улогите?
С. Гаштарска: Не сакам да бидам погрешно сфатена, ама за мене тоа ниту е модерно, ниту естетско, ниту прифатливо. Овие нови вредности кои пробуваат да ни ги наметнат, за мене, како уметник и како човек, се неприфатливи. Не би сакала ни да се задлабочувам во таа тема. Просто, едно големо НЕ за новото „нормално“.
***
Ми беше чест да разговарам со Вас. Ви благодарам што прифативте да го направиме ова интервју.
Comments