top of page

Интервју со Кирил Ангелов, жртва на педофил: ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА НА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ДОНЕСУВА КАТАСТРОФАЛНИ ПОРАЗИ ЗА СИТЕ



Новинар: Аргирета Атева


Веќе извесен период како сум запознаена со Вашата приказна, односно траума од детството, кога за првпат, уште пред 2 години, лично Ве исконтактирав за да ја искажам мојата поддршка до Вас. Фасцинантно е тоа што поседувате една толкава храброст, којашто не е карактеристична за нашето поднебје. Храброст е да се зборува за она што е тешко, мачно и мрачно, за проблем што задира длабоко во стравот на секој еден добросовесен родител. Како што самиот имате речено, тоа храбро преточување на Вашиот тегобен живот во една автобиографска книга, од една страна имаше исцелувачки ефект, но од друга страна предизвика бура на реакции во самиот Вас, затоа што повторно моравте емотивно да ги преживеете тие ужасни сеќавања. И тоа воопшто не е ниту за чудење, ниту за осудување, кога станува збор за трауми поради сексуално злоставување во детството. Сепак, тоа Ваше непријатно искуство од минатото, нека послужи за подигање на јавната свест за опасноста од педофилијата, што веќе почна кроце да се притајува и провлекува како нешто „нормално“.


Доста од прашањата подолу се мошне провоцирачки за размислување, а можеби и тешки за да се одговорат, но верувам дека Вашите размислувања ќе остават простор за секој да се замисли и да си го постави лично на себеси прашањето: „Зарем не сме ние, возрасните, виновни за страдањата на децата, со нашите (не)дела или со нашето молчење? Тогаш, што можам јас да направам, за да не бидам причина за нивното страдање?“


***


А.Атева: За почеток, раскажете ни накратко за Вашиот живот. Како се случија тие немили настани, на која возраст, како ги процесиравте како дете, и зошто после толку години решивте да проговорите јавно, и да ја напишете Вашата автобиографска книга, насловена како „Безсловен“?


К.Ангелов: Мојот живот, иако проткаен со многу немили настани, беше една патека и на лекции и на постојани исцелувања. А низ сета таа темнина, јас светлина наоѓав само во Бог и Православието. Без тоа, јас не знам каде ќе бев сега.


Роден во Велес, уште од мали години јас се соочував со трновити патеки по кои морав бос да чекорам и да молчам. Тука беше алкохолизмот на мојот татко, физичкото и ментално злоставување од моите баба и дедо, физичкото злоставување од негувателките во градинка, кое предизвика говорна мана, потоа и сексуалното злоставување од сосед, како и тежок булинг во средното училиште. Откако се сеќавам, овие трауми задаваа удари од мои 7 години, па се` додека не наполнив 18 години и се отселив од Велес.


Како што опишувам во моето дело, јас почнав да се чувствувам како мермерна статуа изложена на секакви непогоди, стоејќи да молчи, оставена на времето и просторов. Научив да молчам на многу погрешен начин, да ги собирам сите тегоби во себе и да оставам да ме уништуваат како мене, така и сите околу мене.


Катализаторот за да ги излијам сите црнила од мојата душа, беше моментот во 2019 година кога бев дијагностициран со канцер, а потоа и кога имав инфаркт предизвикан од хемотерапијата. Соочен со можен премин понатаму, јас не сакав да оставам нешта неизречени, и дела ненаправени. Чувствував дека во себе имав толку многу болка и тага. А ракот и инфарктот беа нешта за кои засекогаш ќе бидам благодарен, колку и морбидно тоа да звучи. Да не беа тие, јас можеби никогаш немаше да си ги признаам траумите од минатото и да ја напишам „Безсловен“.


Спонтаноста да се раскаже приказната, беше ослободување кое сега ме прероди, заедно со Бог. После 29 години, јас сум цел.


***


А.Атева: Една од техниките што педофилите, и оние кои сакаат да заведат некого во одреден култ, ја користат за да се приближат до својата жртва, е техниката на „груминг“, нешто што во нашата средина е малку познато како поим. Токму тоа Ви се има случено и Вам. Ве молам подетално да објасните за читателите што претставува грумингот и како родителите можат да го препознаат, без притоа да станува збор за панични привидувања и претпоставки од нивна страна.


К.Ангелов: Токму така. Секој злоставувач (педофил) ја користи техниката „груминг.“ Тоа значи постепено приближување на жртвата и на семејството, каде ја добива нивната доверба преку дела на добрина, помош, разбирање. Тоа е една умешна манипулативна тактика, која тешко кој може да ја препознае. Често користи убави зборови, а исто така и материјални добра, кое едно дете ги нема.


Најчесто (но не секогаш), педофолите се интелигентни лица, добро ситуирани, влијателни и многу итри. Тоа е една од пречките за нивно откривање. Поради тоа што веќе имаат изградено некој углед во општеството, многу е тешко да се обелодени делото, а да нема некои огромни последици по жртвата (која најчесто е на пониска социјално ниво во општеството). Како што, впрочем, беше и примерот со мене.


Во однос на тоа дали родителите можат да го препознаат грумингот или чинот на сексуално злоставување, одговорот е променлив и не секогаш апликабилен за сите групи. Со сите личности со кои имам зборувано, а кои биле злоставувани како деца, го даваат истиот одговор. Освен ако детето не каже, или не се покаже злоставувањето на телото (модринки, рани и сл.), или не се воочи голема разлика во однесувањето, многу е тешко родителот да дознае за нешто такво. Како што начнав претходно, поради блискоста од страна на педофилот и („купената“/изманипулирана) доверба на жртвата, детето го гледа тоа како нешто нормално. Ако му е „испран“ мозокот на самото дете, тогаш тешко дека може нешто да се воочи.


***


А.Атева: Науката ни кажува дека префронталната кора на големиот мозок кај човекот е заслужна за носење одговорни одлуки и заклучоци, но дека таа не е целосно развиена дури до 25-тата година од човечкиот живот, па и подоцна. Тоа значи дека во поголемиот број случаи, малолетниците ја немаат способноста да концепираат одредени нешта и да креираат соодветни ставови за истите, особено не на 9 годишна возраст. Неслучајно, и законското уредување во повеќето земји во светот, одлучувачката улога за малолетниците ја има доделено на нивните родители/старатели. И самиот, како делумна потврда на тоа (делумна, бидејќи станува збор и за потсвесно поттиснување на траумата), сведочите дека овие трауми и сето она што Ви се случило на Ваши 9 години, го освестивте децении подоцна. Од друга страна, во изминативе десетина години, се` почесто слушаме ставови дека можеби педофилите не се виновни за нивните дела, затоа што има, на пример, 12 годишни деца и помали, коишто сакаат сексуално да општат со далеку повозрасни од нив. Па, дури гледаме и јавни предавања на кои педофилите се именуваат како „лица коишто ги привлекуваат малолетници/деца“ и се зборува дека педофилијата е само уште една „сексуална ориентација“. Какви чувства побудуваат ваквите изјави кај Вас и дали, како реална жртва од сексуално злоставување, Ви пречи кога ќе чуете за ваква замена на улоги, каде жртвата станува престапник, а престапникот - жртва?


К.Ангелов: Како некој кој има поминато низ пеколот на сексуално злоставување и тоа на 9 годишна возраст, и груминг кој беше започнал една година претходно, најстрого се противам на таквите струења низ „модерното“ општество. Не постои никакво оправдување, а ни објаснување, дека малолетни деца треба да пристапат во какви било романтични или сексуални односи со полнолетни индивидуи. Не постои и никакво оправдување педофилите да ја нормализираат својата неприродна потреба. Тоа е пропаст за секое дете, за секој еден човек.


За жал, себепреставувањето како жртва на тие педофили се нормализира во светот, што само сведочи за непостоењето емпатија кон жртвите кои биле сексуално злоставувани како деца, или осудување на престапниците, односно педофилите. „Модерните“ општества, водени од луѓе кои се неквалификувани да донесуваат такви сериозни одлуки, се нурнуваат во води кои се исполнети со предатори. А жртви остануваат децата.


Моето признавање на траумите во подоцнежни години, беше поттикнато само поради „збунувачкото“ општество во кое живееме. Моето континуирано самоиспитување и самоспознавање, потпомогнато од Православието и православната литература, ме доведе до чекорот на простување. Но, сите тие поминати години во безсловност и чување на тајните во себе, беа одраз на осудувачката природа на општеството, непостоењето на разбирање, и континуираното исмејување. Јас, за да се заштитам себеси од сите тие трули појави, само повеќе си нанесував зло.


Системот ем нормализира болест, ем не помага на оние најзагрозените.


***


А.Атева: Она за што Коалицијата за заштита на децата се залага е заштита на децата од прерана сексуализација. Меѓутоа, со новата образовна концепција, се наметнува „сеопфатно сексуално образование“ со тенденција децата да почнат да го изучуваат од предучилишна возраст т.е. почнувајќи од градинка. Според стандардите и препораките на Светската здравствена организација, децата од 0 до 4 годишна возраст веќе треба да знаат да мастурбираат и да бидат љубопитни за туѓото тело. Или, како што стои во некои пишани брошури и книги за такво образование, „љубовта не избира“ по возраст. Знаејќи го ова и имајќи го предвид Вашето трауматично искуство, како мислите дека ваквото „сеопфатно сексуално образование“ ќе влијае врз физичкото и менталното здравје на децата?


К.Ангелов: Провлекувањето на овие наративи низ овие сегашни времиња, јас не можам да го восприемам и оправдам. Изложувајќи кое и да било дете на сексуална слобода на толку рана возраст, може само да донесе темнина во подоцнежниот живот. Романтичната љубов, и те како, треба да има возрасна граница кога станува збор за малолетни лица. Детството треба да биде оставено на детето. И тоа ли треба да го украдеме? И тоа ли треба да го уништиме? Мислам дека веќе уништивме премногу.


Би сакал да навлезам во повеќе детали, и за тоа би можел да одговорам само од сопствено искуство. Грумингот, во мојот случај, започна кога имав 8 години, а првото сексуално злоставување се случи кога имав 9. Јас бев претставен со тој чин не по своја волја, и не по свој избор. Токму поради тоа, јас се соочував и сè уште се соочувам со асексуалност и импотенција, за која има многу докази дека може да биде предизвикана од прерана изложеност на интимни односни или сексуално злоставување. И токму поради тоа, мене ми беше украден изборот со своето полнолетство да посегнам по она што тогаш би требало природно да дојде. Соочен сум со живот без потомство, без љубов, без брак, и сето тоа поради фактот дека мене ми беше украдена невиноста на толку мала возраст.


За среќа, постои и Бог, и еден живот поминат со Бог е награда за мојата иднина и сите нешта кои мнозинството ги имаат. И вака, човек ќе научи да е среќен и благодарен. Но секогаш треба да се има на ум дека ваквата либерализација на образовниот систем донесува катастрофални порази за сите.


***


А.Атева: Покрај заштита на децата од прерана сексуализација, Коалицијата е особено активна околу заштита на децата од родовата идеологија, односно од она верување, според кое секој може да си го избере својот пол/род/родов идентитет, независно од објективната реалност. Така, маж може да се идентификува како жена и обратно, или како нешто трето. Со оглед на тоа што законското признавање на ваквата самоидентификација врз основа на сопствените желби и чувства обезбедува слободен пристап на мажи во женски интимни простори (јавни тоалети, пресоблекувални, бањи и сл.), дали во тоа гледате некаква опасност за зголемување на сексуалните престапи и ставање на децата и жените во „шах-мат“ позиција на потенцијални жртви на педофили и сексуални насилници?


К.Ангелов: Да. И секој би требало да ја препознае можната опасност. Раширувањето на таа идеологија која дозволува толку многу, дава простор и слобода и за оние педофили да посегнат по „своите права“ во иднина, нормализирајќи ги нивните неприродни чувства и емоции. Токму поради оваа идеологија, јас како жртва на сексуално злоставување како дете гледам на овие работи со голема претпазливост, а можеби и страв. И моите чувства се валидни, а и на секоја жртва.


Доволно е да се прочитаат новости секој ден за токму такви престапи. Пред некој ден прочитав вест за постоење на нешто наречено „регресија на возраста“, каде возрасна личност може да одбере да се идентификува како 1, 5, 9, 12 годишно дете. За каква нормализација би можеле да продолжиме да говориме? За каква либерализација? Опасноста, која се крие зад овие умешно исковани термини, само ќе се зголеми во иднина, ако некои нешта не бидат целосно објаснети.


***


А.Атева: Она што го забележав во Вашите искази е дека доста пати се осврнувате на љубовта и честопати Го спомнувате Бог или верата во контекст. Повторно, науката, односно психологијата, потврдува дека лицата кои веруваат во Бог, имаат поголема надеж и вера во подобро утре, и затоа поретко запаѓаат во депресија, за разлика од оние кои не веруваат, а дури и да се случи да станат депресивни, тие полесно се справуаат со стресните ситуации и полесно излегуваат од таквата состојба. Кој е Бог во Вашиот живот и како верата во Бог Ви помогна да ги пребродите сите преживеани трауми?


К.Ангелов: Од многу научни истражувања се докажува дека личностите, кои биле сексуално злоставувани (или поминале низ било каква траума) како деца, се соочуваат со подоцнежни избликнувања на траумите преку голема депресија, која води кон самоубиство, преголема промискуитетност, користење на дроги и сл. Поради тоа, потребно е општество кое е наклонето кон разбирање, добрина, љубов, несебичност, лекување. Имањето на духовна подлога ја олеснува секоја болка, секој страв, секоја неизвесност. Така и јас лесно простив, така лесно љубам и секогаш ќе се трудам да ширам добрина, разбирање и пријателство.


Низ најтемните моменти мене ме спаси Бог и Православието. Да ја немав таа основа уште од мали години, мислам дека ќе западнев во многу голема депресија, која ќе резултираше со некоја од горенавадените несакани ефекти. Поради тоа и ја напишав и „Безсловен.“ Да можам да ја раскажам својата приказна, со цел да помогнам на некоја личност или дете кои поминувале низ истото, и да раскажам како Бог мене ми помогна кога почнав да тонам низ темнината предизвикана од сите трауми, а најмногу сексуалното злоставување на моја 9 годишна возраст.


***


А.Атева: Од името на екипата на Коалицијата за заштита на децата, Ви благодарам за Вашата добра волја да одговорите на овие тешки, но сепак насушни прашања во ова време, кога со голема брзина се врши изместување на нормалата во општеството.



コメント


bottom of page