Оваа исповед на мајка, која ја спасила својата ќерка од трансродовата идеологија, е важно предупредување за другите родители на што да обрнат внимание и како да постапат, доколку нивното дете изјави дека е „трансродово“.
Приказната за ќерка ми веќе не е новост. Вакви работи се случуваат во вашата држава, во вашиот град, а можеби дури и на вашата улица. Родовата дисфорија – неусогласеноста помеѓу биолошкиот пол и внатрешното доживување на себеси – се движи скришум и брзо и проникнува во животите на девојчињата и момчињата подеднакво.
Но, ова не е предупредувачка приказна. Ова е предупредување.
Мојата ќерка беше многу женствено девојче од раѓање. Таа бараше ѕидовите од нејзината соба да бидат обоени во розова боја, а до трето одделение одбиваше да носи што било освен фустани. Таа ги избегнуваше играчките и спортските активности на нејзиниот постар брат и наместо тоа, собираше чаши за чај и Shopkins, колекција на мали играчки.
Најмногу сакаше да се прикраде во мојот плакар и да ги облече тие неколку светкави комбинации и да ги обуе најблескавите лакирани високи потпетици. Таа не сакаше да спортува, туку избра уметност и шиење.
Сè се промени одеднаш, кога наполни 12 години. Како што физички созреваше во млада жена, престана да ме моли за бикини и не сакаше да носи ништо што ја истакнува нејзината фигура. Нејзините гради беа скриени под многу широки машки дуксери.
Се сетив дека нешто слично правев и јас кога телото почна да ми се менува, така што на почеток не се загрижив.
Потоа се нурна во уметноста на аниме и косплејот – хоби каде се облекувате како ликови од книги и филмови од жанрот на фантастиката. Ја поддржав таа нејзина креативна страна.
Не знаев дека анимето и косплејот можат да го преплават и збунат умот на една млада личност. Не знаев дека анимето и косплејот вклучуваат теми поврзани со т.н. „џендер бендинг“, (преиспитување на вообичаените родови норми и ставови – заб.на уред.) и дека оваа заедница се занимава и со темите на педофилија и секс.
Исто така, не знаев дека постарите косплеери во заедницата ги „врбуваат“ помладите за секс.
Во тоа време, ќерка ми веќе беше поминала низ програмата „Разговори за тинејџери“ (Teen Talk) - програма развиена во канадската провинција Манитоба, дизајнирана да им пружи на младите „точни [неосудувачки] информации“ за „сексуалноста, репродуктивното здравје, перцепцијата на телото, свесноста за злоупотреба на супстанциите, менталното здравје, различностите и борбата против насилството“.
После тоа, таа донесе дома сосема нов речник. Таа и сите нејзини пријателки зборуваа за нивните ознаки - полиаморна, лезбејка, пансексуална. Ниту една од тие пет девојки не ја избра ознаката „основна“ (анг. basic), што е нивниот термин за хетеросексуална девојка.
Сега веќе почнав да се загрижувам.
Се оддалечи од старите другарки и почна да поминува сѐ повеќе време на интернет. Го проверив нејзиниот телефон, но не бев доволно остроумна за да сфатам дека таа поставила лажни профили на социјалните мрежи, во случај да почнам да ги гледам.
Една постара девојка стави до знаење дека е заљубена во ќерка ми. Ѝ забранив да доаѓа кај нас. Подоцна дознав дека ја малтретира мојата ќерка.
Кога ќерка ми беше осмо одделение, наместо божиќен подарок, ја однесов на аниме фестивалот SacAnime во Сакраменто, Калифорнија. Таму запозна три години постара девојка, која беше многу позрела од неа. Таа девојка ја магепса ќерка ми со нејзината духовитост и великодушност.
Таа постара девојка за себе ја користеше множинската заменка „тие“. Откако се запознаа, ќерка ми се потстрижа како момче, престана да се бричи и ме замоли да ѝ купам машка долна облека. Во сѐ ја имитираше таа нејзина постара пријателка.
Почна да снима грозни видеа за TikTok, да користи вулгани зборови, а својата соба ја преуреди за да изгледа како пештера. Самата си го продупчи носот и стави таков прстен, како бик. Ги прекрши сите семејни правила. Се трансформираше во суштество, кое личеше на вампир. Не можев да ја препознаам. Нејзината личност потона во гнев и грубост.
Летото, пред да започне деветто одделение, објави дека е трансродова. После тоа, почна да се заканува дека ќе се самоубие и падна во длабока депресија.
Успеав да ги најдам сите лозинки од сите нејзини профили на социјалните мрежи. Бев запрепастена од она што го видов.
Речиси сите со кои разговараше беа непознати за мене, освен пријателката што ја запозна на фестивалот SacAnime, а која ѝ имаше испратено видео на кое мастурбира. Чатот на онлајн платформата Discord содржеше фетиш разговори за сексот. Децата си праќаа еротски содржини едни на други, вклучително и оние со елементи на инцест и педофилија.
Постарите девојки ги советуваа помладите како да ги продаваат своите разголени фотографии на мажите.
Девојките се фалеа со разни психички болести. Разговараа за ефектот на различни лекови. Велеа дека тие се всушност момчиња, а не девојчиња. Зборуваа за „горна операција“ (т.е. отстранување на дојките) и „перничиња“ што прават испакнување во пределот на препоните, за да изгледа како да имаат пенис.
Електронските уреди на ќерка ми беа преполни со видеа од TikTok и јутјубери, кои зборуваа за тоа колку одлично се чувствуваат сега, откога „направиле транзиција“ (преминале во спротивниот пол – заб. на уред.).
Имаше пораки во кои непознати луѓе ја советуваа да ме клоцне во глава, затоа што сум „трансфобична“, бидејќи не сакам да ѝ се обраќам со машко име.
Побеснев. Го зедов телефонот и ги избришав сите нејзини социјални мрежи - YouTube, Instagram, Discord, Reddit, Pinterest и Twitter. Дури и ѝ го блокирав пристапот до интернет. Ги избришав сите нејзини контакти и ѝ го сменив телефонскиот број.
Седев до неа додека „одеше“ на училиште преку Зум. Го избришав YouTube од моите паметни телевизори и го заклучив далечинскиот управувач. Ги отстранив сите аниме книги од нејзината соба. Ѝ ги фрлив сите костими. Ѝ забранив да се дружи со сите нејзини другарки, кои ми изгледаа дури и малку сомнително.
Отидов во полиција поради порнографија. Го испечатив законот и ѝ реков дека ако некој ѝ испрати порнографија, нема да се двоумам да го тужам.
Ме мразеше како што наркоман го мрази оној што го спречува да се дрогира. Цврсто останав на мојот став, иако таа постојано вербално ме малтретираше.
Откако се консултирав со седум стручни лица за ментално здравје, најдов психијатар во друга држава, кој беше волен да ја открие причината за ненадејниот „трансродов“ идентитет кај мојата ќерка.
Прочитав сѐ што беше напишано на таа тема, разговарав со други родители и експерти. Постојано се обидував да ја обновам врската што некогаш постоеше меѓу нас.
После година и пол вистински пекол, мојата ќерка сега конечно се враќа на своето вистинско „јас“ - таа е повторно убава, уметничка душа, љубезна и полна љубов.
Не знам точно кои состојки од магичната напивка ѝ помогнаа на ќерка ми да се ослободи од родовата дисфорија. Можно е формулата да биде различна за другите, но што се однесува до нас, откако накратко направивме грешка и го користевме машкото име кога ѝ се обраќавме, целото наше семејство и сите возрасни во животот на ќерка ми ѝ се обраќаа исклучиво со нејзиното вистинско име и заменките за женски род.
Не ѝ дозволивме да има „социјална“ промена на полот, иако не можевме да контролираме што се случува на училиште. Тешко е да се поверува, но нашето локално римокатоличко средно училиште одби да го исполни нашето барање да ја третираат како девојче.
Како што реков, ги избришавме сите нејзини социјални мрежи и ја спречивме комуникацијата со сите, освен со луѓето што ние ги одобривме. Ја терав да слуша посебни подкасти на оваа тема додека ја возев на училиште. Испечатив материјали за жени, кои поминале низ „детранзиција“ (кои земале хормони од спротивниот пол, но се покајале за тоа и повторно почнале да живеат како жени) и ги оставав низ целата куќа.
Целата литература што ја проучував, ја оставав на видливи места, вклучително и книгата „Ненадоместлива штета: Трансродовото лудило што ги заведува нашите ќерки“ од Абигејл Шрајер, „Родова дисфорија: Терапевтски модел за работа со деца, адолесценти и млади“ од Сузан Еванс и други.
Ги следев советите од подкастот Родители за етичка грижа (Parents for Ethical Care) и книгата „Престанок, детранзитирање и детоксикација: Како да го спасиш своето дете од родовиот култ“ од авторката Марија Кефлер.
Работев напорно за да ја вратам блискоста што некогаш постоеше меѓу мене и неа. Толку многу се воздржував, што си го гризев јазикот додека не искрвари. Го трпев нејзиниот гнев и одговарав само со љубов или ја напуштав просторијата кога знаев дека погрешно ќе реагирам.
Ја затекував и во ранливи моменти, тогаш ја прегрнував и легнував до неа во кревет. Престанав да ја гледам како жртва на некоја интрига или чудовиште.
Ѝ дадов до знаење дека никогаш нема да престанам да се борам за неа. Ѝ ги покажав плакатите што ги носев на протестите на кои учествував. Ја бомбардирав со прашања, кои укажуваа на нелогичноста на родовата идеологија. Кога доаѓаше во мојата канцеларија, секогаш имав смешни мемеа на мониторот, кои ја критикуваа родовата идеологија. Што е најважно, цврсто останав на мојот став. Одбив да ги прифатам нејзините заблуди со сочувство.
Знам дека мора да продолжам да бидам упорна и да не попуштам, бидејќи родовата идеологија навлезе во сите области на животот. Сепак, сега можам да дишам со олеснување.
Чарли Џејкобс (Charlie Jacobs) е псевдонимот под кој пишува сопруга од Калифорнија и мајка на двајца тинејџери. До неодамна работеше со скратено работно време, но сега се посвети да ги едуцира другите родители за тоа како родовата идеологија може да ги зграби децата.
Преведе од српски: Г.Г.
Извор: IFN - КАКО САМ СПАСЛА ЋЕРКУ ОД ТРАНСРОДНИХ ФАНТАЗИЈА
ความคิดเห็น