top of page

ПОЛ ИЛИ РОД: ШТО Е ПОВАЖНО И ШТО Е ПОИСПРАВНО?


Пишува: Горан Илиев,

претседател на здружението Да го зачуваме бракот и семејството

Во последно време се води медиумска и социолошка „војна“ околу термините пол и род. Па така, оние кои го претпочитаат терминот пол, се наречени „антиродови“, со цел да им за прикалеми негативна популарност, во смисол „Ете, тие се против машкиот и женскиот род“. Но, следствено на тоа, излегува дека штом тие се залагаат за родот, би требало да се нарекуваат „антиполови“, бидејќи тие се против тоа опшеството да функционира по пол. Во оваа насока, родовите идеолози одат дотаму во негирањето на реалноста за полот, што тие тврдат дека лекарите го „доделуваат“ полот на детето при раѓање. Или, како што е напишано во една нивна статија: „Нашиот доделен пол е етикета што се применува на нас при раѓање“. Значи, бебето не се зачнува и не се раѓа со одреден пол, туку според нив, докторите му го доделуваат полот на детето. Ете, тие (докторите) така одлучиле во моментот.


Но, како и да е, ајде да ја употребиме логиката и разумот, па да дадеме одговор на прашањето: што е поважно, полот или родот (онака како што го дефинирааат тие)?

Ако тргнеме од констатацијата дека родовите (ЛГБТИ+) движења тврдат дека родот и полот се две различни нешта и со прости зборови кажано, полот е биологијата, а родот е внатрешно чувство/социјален конструкт, а секој човек има и пол и род, тогаш неминовно е во одредени сфери на опшествено делување, да дојде до конфликт помеѓу овие двете. Ако одлучиме да го користиме родот, ние ќе го дискриминираме полот, и обратно. Затоа, опшеството ќе мора да одлучи на кое ќе даде приоритет.

И тогаш природно ќе се постави прашањето: таму каде што треба во опшеството да се направи поделба и препознавање на мажот и жената, дали тоа да се прави според пол или според род? Според кои критериуми е разумно, праведно и мудро да се направи поделбата на мажи и жени, особено во полето на: статистиката, науката, биологијата, спортот, армијата, медицината, болниците, затворите, шелтер центрите, соблекувалните, јавните бањи, спалните, училиштата, опшествениот вокабулар...


Ако одлучиме да го користиме родот, а го анулираме полот во сите овие сфери, не само што полот ќе биде дискриминиран, туку ќе стане беспредметен; резултатите од секакви истражувања на поле маж-жена, ќе станат банални и траги-комични, па дури и ќе донесат забуна и заблуда; во медицината може да се случуваат катастрофални грешки, па и смртни случаи; науката и биологијата ќе станат за потсмев, под влијание на политички притисоци за родов речник; во соблекувалните, бањите, шелтер центрите, затворите итн. жените ќе ја изгубат безбедноста и приватноста; во женскиот спорт ќе доминираат жените со „пениси“; кои во машка категорија биле анонимуси; а опшествениот вокабулар, во интерес на родово неутрален речник, ќе ги исфрли/избрише сите термини кои ги дефинираат мажите и жените, според нивните биолошки карактеристики, за да им угоди на оние кои се мажи и жени по род. Па така, нема веќе мајки и родилки, туку лица што раѓаат; нема мајка и татко, туку родител 1 и 2; нема жени кои менструираат, туку лица/луѓе што менструираат.


Реално, сите поделби во опшеството што се направени за мажи и жени, се според полот (биологијата), а не според родот (чувствата/личната заменка), бидејќи така е пологички. На пример, кога влегувате во машки тоалет, одете да мокрите со вашиот полов орган, кое е особина на полот, а не со вашиот род или лична заменка. И во спортот пологично е поделбата да биде според полот, а не родот, повторно од исти причини: таму луѓето се натпреваруваат со нивните тела (биолошка карактеристика/пол), а не со нивните чувства, или според тоа, како се доживуваат или облекуваат (род).


Мислам дека ја сфативте поентата и нема смисла да продолжувам, бидејќи истата логика важи и за соблекувалните, бањите, салоните за убавина, шелтер центрите, затворите... Ова уште поригорозно важи и за медицината и науката. Замислете биолошка жена, која се смета за маж, да има вонматерична бременост, а докторите бараат друга дијагноза. По прашање на биологијата, смешно е во учебниците како научен факт да пишуваме дека и мажите раѓаат или жените можат да оплодуваат.


Што ќе биде следно, заради луѓето што се идентификуваат како мачки или кучиња ќе треба ли да учиме дека животните можат да зборуваат повеќе јазици и дека куче/мачка може да роди човек? Но, ако му дадеме приоритет на родот, онака како што го објаснуваат родовите идеолози, и ако науката и светот ги препуштиме на родовата идеологија, тогаш на лудилото ќе нема крај.


За да не излезе дека јас ги измислувам овие работи и дека претерувам, за крај само ќе цитирам изјава на родов активист од Македонија, која во јавна емисија на ТВ Сител беше запрашана, ако родот се воведе како категорија, тогаш законската форма како ќе обезбеди како критериум за идентификација (дали некој е маж или жена)? Во одговор, таа изјави: „Ништо. Законот не обезбедува простор за идентификација. Јас можам да се идентификувам како пеперутка и не постои закон кој што може тоа да ви го забрани“.


Дека со давање предност на родот, овие активисти го анулират, дискриминираат и бришат полот, се гледа и од понатамошните изјави на оаа активистка. На прашањето ако биолошки маж, кој по род е жена, стапи во брак со друг маж, дали е тоа хомосексуален брак, таа одговара: „Трансордовите луѓе не се идентификуваат со полот, со кој се родени; ако трансродова жена (маж, по пол) влезе во брак со маж, таа (тој) не се чувствува дека влегува во истополов брак“. Забележете, и самата активистка го користи терминот „истополов брак“ (брак помеѓу две лица од ист пол, а не од ист род). Па сепак, според нејзината изјава, заради тоа што тој биолошки маж се идентификува со друг род, ние треба да се преправаме дека и неговиот пол е женски, или магично, одеднаш неговиот пол се променува. Народски кажано, треба да викаме дека „белото е црно, а црното-бело“ и да ја негираме биологијата, науката, реалноста, вистината, само за задоволиме нечија делузија.


Затоа, пресудете сами, дали опшеството треба да се раководи според род (или безброј родови), заснован на внатрешното, субјективно чувство или според пол, заснован на биологијата, науката и фактите.


bottom of page