top of page

РАЗЛИКИТЕ МЕЃУ МАШКАТА, ЖЕНСКАТА И ДЕТСКАТА ОБЛЕКА ОД КРАЈОТ НА 19. ВЕК И ПОЧЕТОКОТ НА 20. ВЕК

Пишува:

Пенка Мишева,

виш кустос етнолог

Национална Установа,

Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица


   Девојки и жени во народна       Оро,с. Мокрино

носија, почеток на 20. век


Свадба, с.Робово 1920 год.


Облеката и начинот на облекување најмногу зависат од климатските фактори, од културниот развој, начинот на стопанисување, и др. фактори под кои живее одредена заедница или народ. Во минатото, секоја пределска целина имала своја посебна носија со локално етничко обележје и јасно се издвојувала од другите пределски целини, но тие одамна се изобичаени и трансформирани. Носијата, тргнувајќи од општественото уредување и општествениот живот во нашето патријахално село кон крајот на 19. и почетокот на 20. век како заедница на социјални феномени и колективни ставови, функционира како регулатор на утврдени норми.


Освен регионална, постои и поделба според годишните времиња, и тоа на летна и зимска облека, иако кај некои истовремено, поради климата, се носела постојано истата зимска облека. Пример, кај сточарите.


Понатаму, облеката се дели и според возраста и полот на машка и женска. Постои голема разлика меѓу машката и женската облека и таа е јасно издифиренцирана уште од најрана возраст. Уште со самото раѓање, на детето му се дава машко или женско име, во зависност од полот. Понатаму, се разликува и во облекувањето. Децата кои се раѓале и живееле во селски населби каде во овој период, крај на 19. и првите децении на 20. век, се` уште носеле народна носија, изработена рачно, и за нив изработувале таква облека од природни материјали, волна и памук. Со појавата на занаетчиството, трговијата и училиштата, децата во селата почнале да ги облекуваат во градска облека, додека возрасните и младината носеле народна носија, но почнале да вклучуваат и купени облековни елементи од занаетчии, т.е градска облека. 


Поделбата на облеката по возраст и пол:


1.Период на детство, од раѓање до пубертет,                                                                                                2.Период на младост, ергенство и моминство,                                                                                    3.Носија во зрело доба, од свадбен период до период на средно животно доба, и                            


4.Носија во период на старо доба, старост








Период на детство, од раѓање до пубертет


  • Од раѓање до 3 год.  


Со самото раѓање на детето, тоа е приврзано за мајката до 3 годишна возраст. Облеката се прилагодува кон климатските услови и кон физиолошките активностите на детето. Кај новороденото дете, облекувањето се состои од пелени. Една долна пелена се става под бебето, со друга пелена се завива бебето и со третата, горна пелена, се покрива. За покривање во лулка се користи поубаво декорирана пелена, украсена на прсти при самото ткаење.                                                                                         

Така, покрај бели памучни пелени украсени со наједноставен мотив со прави шарки,  има и пелени украсени со пребир, со прсти кои формираат ситни геометриски мотиви. Поубаво декорираните пелени биле употребувани и како украсни, се ставале да се гледаат, т.е се покрива бебето и тоа во лулка, крошна и сл. Овие пелени се правоаголани ткаеници составени од две засебни дипли споени на средина со шиење и личат на поголема крпа. Потоа кога детето ќе прооди до три години, му се облекува долго кошулче, кое е и за машко и за женско дете, и има и практична функција за извршување на физиолошките потреби на детето.


Покривач за бебе и пелени


Капа                                             Шамија


  • од 3 до 7 годишна возраст

За децата на оваа возраст, облеката се приспособува на нивната активност, а тоа е играта. Но, постепено оваа облека од бела платнена кошула се надополнува со чорапи, минтанче, кожувче, еден вид препасче-појасче, елече-џамаданче и шамија. Прв знак со кој се издвојува машкото дете е капата што ја добива уште кога е во лулка и кога ќе го пострижат. На иста возраст се издвојува и женското дете со шамија, скутина, по плетење на косата и употреба на монистрени украси- ѓердани, по продупчување на ушите и ставање обетки на ушите.


фустанче  детско           палтенце –минтанче Ж            елече Ж       антерииче детско Ж      


  • Од 7 до 11 годишна возраст

Ова е најважниот период кога детето постепено, покрај играта, се оспособува за влез во светот на возрасните. Во овој период, машките деца се упатуваат во активностите на таткото и воопшто во активностите на машкиот пол, додека женските деца го следат животниот пат на мајката, а заедно со тоа и сите процеси на домашно текстилно производство, чиј како главен продукт е облеката. Особено внимание му се посветувало на везот и тој за девојчето е наука, преку која ја покажува својата умешност. Везењето било пресудно за презентирање на личноста пред околината. Во овој период, машките деца за прв пат облекувале гаќи и бечви. Тоа е приспособено на активноста на децата, кои паселе и чувале стока, овци, кози, волови и носеле гунче како возрасните. 


Активностите на девојчињата во овој период од животот се насочени кон воведување во процесот на ткање и ја ткаат својата прва кошула, која постепено се заменува со друга кошула, чиј вез покажува дека девојчето се замомува, а од 12-14 години со кошула чиј вез ја покажуваат психофизичката способност, односно готовност за влез во светот на возрасните.


саја детска Ж           елече детско Ж          елек од шајак, алаџа Ж                минтанче Ж


чорапи Ж                       гаќи-потури М                   кошула М                крпа-бришалка                                                                                                                 

      саја Ж                       кошула Ж            гердан Ж           гушник, подгрлок Ж   

   


Период на младост,ергенство и моминство  

            

Овој период зпочнува од 15-тата до 25-тата година или до мажењето/женењето и во овој период доаѓа целосната социјализација на личноста. Ергените и девојките, освен како учесници во трудовата дејност на возрасните, учествуваат во селските собири на празници, свадби и слично. Облеката во овој период е украсена и има естетска функција, како и регионална припадност. Ергенската облека најмногу личи на облеката на млад маж, а на момата облеката преминува во онаа за млади жени. 

 

   носија за девојки            шамиија Ж            подлактици Ж           гушник, подгрлок Ж


прегач „с`нце“ Ж                          антерија Ж

    

Појас Ж                                 Елек Ж                                                   Ич`лк


      гаќи М                                     кошула М                   елек М


капа-шубара М         чорапи М                          елек М


ќустек М                                         пафта Ж                            потури- бечви М


ногавици М



  • Носија во зрело доба, од свадбен период до период на средно животно доба        

Во овој период, кога младите се најактивни и физички најспособни, облеката е наменета за премин од мома-ерген во брачна заедница на возрасните-омажените-оженетите, и особено свадбената носија е највпечатлива и најукрасена. Невестата  продолжува да носи ваква облека до раѓањето на првото дете. Понатаму, низ годините како минува репродуктивниот период и опаѓа физичката активност, облеката се редуцира и се носат помалку делови од народната облека.


прегач Ж                                палтенце од шајак М      антерија М


ќурдија Ж                                појас М              кожни чевли,занаетчииска изработка М


обувки Ж, занаетчииска изработка                        чорапи Ж             опинци М

   


  • Носија во период на старо доба, старост

Во минатото, периодот на старост започнувал после педесетгодишна возраст. Во овој период, физичката активност и продуктивноста постепено се намалува, и им се отстапува тешката физичка активност на помладите, но сепак ако ја задржале умствената способност, постарите лица ја задржуваат улогата на организатори на семејниот живот и на трудовата дејност. Стануваат пасивни членови во селската заедница и не се активни учесници во обичаите, обредите, празниците и сл. Па, вака намалената соцјална активност придонела за упростување и намалување на структурата на носијата, која добила само практична функција со нагласена регионална припадност.




Состав на машка носија од зрело доба

Состав: кошула, гаќи, потури, ф`стан, појас, елек, чорапи, опинци, крпа, капа, ќустек.


Кошулата е од домашно памучно платно, се одликува со крој со преден и заден стан од едно платно, превиено во рамениците, под пазувите од страната има клинови, ракави рамно кроени и наберени со манжетна околу шаката. На вратот со корил – јака, најчесто везена со крвчиња, некој ситен геометриски мотив и мал процеп до градите, некогаш со везена лајсна или со монистра и трепки-пулејки.


Елек е кратка допојасна безракавна облека и се носи над кошулата. Тој е волнен со каро дезен во линии и дополнително украсен по рабовите со гајтански апликации. Лито двонитно ткаење е применето за шиење на елекот, па затоа има од долната страна постава од купечка индустриска ткаенина.


Се носеле бели, долги, памучни гаќи, кои во горниот дел се пошироки, а во половината се стегаат со учкур. Гаќите се основна облека и во лето се носат без потури.


Потури се машки панталони од шајак во црна или кафеава боја. Во долниот дел кај нозете (глуждовите) тие се потесни, и врз нив се носат потколеници-беневреци од бел шајак.


Дополнително, со гајтани биле украсувани и потури кои се носеле на празнични дни. Во лето можело во празнични дни да се носи и „ф`стан“ - широко набрано еден вид здолниште со клинови.


Појасот е долг околу 5м, волнен со лито ткаење, со црвена основа и со хоризонтални пруги или каро дезен. А во појасот се носела крпа-бришалка богато украсена.

Крпа–бришалка се носела и на глава летно време, за заштита во полските работи од сонцето.


Шубара од црна јагнешка кожа се носела на глава зимно време.

Чорапи плетени од црна волна со мотиви „кола“ или „прколи“.

Опинци од свинска и говедска кожа, домашна изработка.


Ќустек е монистрен накит долг околу 40-50см, се носел на празници прикачен на елекот или вметнат во половината.




Состав на женска носија

Состав: фуста, кошула, саја, ич`лк, елек, ракави, прегач, појас, шамија, антерија,

чорапи и накит.


Фуста е еден вид долна кошула со или без ракави, од домашно памучно платно и се носи директно на гола снага.


Кошула од домашно памучно платно, долга до листовите и скроена од едно парче ткаенина превиено на ракавите и разликува преден и заден стан. Во ракавите рамно кроена и најчесто со манжетна набрана над шепата. Под пазувите вметнати клинови и странично заради проширување на кошулата. Околу вратот - мала корил јака украсена со ситен вез, на градите со отвор и со вез по долниот раб кај листовите. На крај завршуваат со мала плетнена тантела, при која има вметнато и украси од стаклени зрна или трепки-пулејки. А на задниот стан се одликува со вез со покрупни мотиви  (растителни) и овој дел на кошулата се вика „нагорина”. Познат е мотивот „момичките”, при кои има вез на крвчиња на моми фатени за раце.


Саја е горна летна облека од бело памучно платно, целата однапред расечена. Кроена од заден стан и две поли, и рамно кроени ракави со манжетни. Се проширува странично со „бочници” и помеѓу преден и заден стан со клинести парчиња и шлицеви-„пешеви”. Еден посебен и единствен начин на носење на сајата е во летно време завртена нагоре, така везот се прави на опачината и кога се завртува везот е на лице, под половината на задниот стан. Украсувањето и везот е слично како кај кошулите и овие два веза на задниот дел се викаат „бемки”.


Ич`лк е долна куса допојасна облека со долги ракави со манжетни и со јака однапред раскопчана, на градите украсена со ширити-траки украсни, пулејки и сл.Од купечко индустриско платно има пришиено на ракавите и на градите, а ич`лкот се носи под сајата.


Ракавчиња се носат од шепата до лактите - плетени од волна, или од индустриска свила или др. вид текстил со манжетна или со ластика, а на нив има пришиено и украсни индустриски тантели, ширити и пулејки.


Прегач од волна, најчесто ткаен црвен или црн фон и орнаментиран со хоризонтални редови, прави шари кои се реплицираат и во долниот дел, еден доминантен појас со покрупни мотиви, геометрииски или растителни. Во подбеласичкиот регион доминира т.н „с`нце” прегач. Овој прегач на терен го среќаваме редовно, но употребените бои на конците се различни при ткаењето. Редовно прави шарки на исто растојание, со иста боја се реплицираат, а само во долниот дел централно има покрупен мотив во вид на ромб и други геометриски фигури, а за кој се вели дека е сонце.


Елече - од кадифе, сино или црвено, кратко до појас без ракави, со постава од индустриско платно и по сите рабови украсено со ширити индустриски и пулејки-трепки. Елекот се носи над сајата.


Елекот е до колена, без ракави и од волнено платно, алаџа или шајак и тесен во градите до половината, а од половината надоле се проширува. Се носел зимно време и на празници. Украсен во долниот дел со ширити-траки, тантели по рабовите и на градите.


Антерија е горна облека со долги ракави до средина на листовите, изработена од домашна пругаста ткаенина. Антерија - црвена со пруги и по крој слична на сајата, но со постава, полнета со памук и пришиена со штепови. Антериите се купувале готови и во Струмица, или се изработувале дома.


Чорапи плетени на рака со пет игли, од волна до под колената, орнаментирани со геометриски или вегетабилни орнаменти. Подоцна со поскромни дискретни украси се плетат црни или темно цевени и црни со „кола“ ромбови.


Шамии се носеле за забрадување на главата од индустриски свили и по рабовите украсени со киниња, индустриски тантели, пулејки и сл.


Накит, колан со сребрени пафти, низи со монети, обетки и монистрен накит и прстени.

Појас се носел долг и лито ткаен, а подоцна предиплен и пришиен, половина бел, другата половина орнаментирана со пруги - шарки. Се носи над сајата или над зимскиот елек. На нозете се носат опинци.

  

ланец со приврзок Ж                                     амајлија Ж



прстен Ж                                               нараквица Ж



тепелак Ж                                             кустек М                         бројаница М



 Завршни согледувања  за разлики меѓу машка и женска облека


Жените во минатото, откако ќе го исткајат платното, шиеле облека за момче или девојче. Облеката се разликува по крој, должина, по мотиви, по распоредот на орнаментите, по јака, по отвор на градите и по завршеток на ракавите. 


Значи, новороденото бебе се завива со пелени - еден вид ткаеница како поширока крпа. Кога ќе се исправи на нозе и почне да оди, до 3 год. носи еден вид кошулче долго до глуждовите. Ова го носат и машките и женските деца, од практична причина заради физиолошки потреби. Првата поделба е по капата за машко дете и шамијата за женско дете. Потоа детето од 4 до 7 год., во зависност од активностите што ги прави (игра), машкото дете добива гаќи, бечви и капа, а женското - саја, шамија и прегач-скутина. Разлики има и во плетење на косата, кое се прави само кај женските деца заедно со монистра и додатоци.


Од 8 до 11 години, машкото дете се приврзува со членовите од машкиот пол и ги следи во работата со пасење на стока, берење дрва и др. Додека женските деца ја следат мајката, бабата и учествуваат во домашните работи (храна) и во процесот на изработка текстилни предмети (облека и др. ткаеници). Упатувајќи се полека за влез во работните активности, децата растат и веќе од 12 до 15 год. и нивната облека заличува на облеката на млади лица, која својот врв на најбогата, најдекорирана и составена од најмногу делови ја достигнува при стапување во брачна заедница, т.е невестинска облека. И тука се гледа разлика меѓу машката и женската облека, и додека машката кошула е пократка, женската е долга. На женската кошула на градите до половината има отвор „процеп“ за полесно доење на децата, везот е сконцентриран на задниот дел или по рабовите. На сајата (еден вид горна облека, личи на кошула, но однапред целосно е отворена) везот е на градите, додека на машката кошула везот е на отворот кај јаката и отворот на градите, но е помал. Кај жените, тој дел на кошулата се покрива со гушник-подгрлок, за да не им студи и заради заштита од несакани погледи. Кошулите се разликуваат и по крој, некои  машките кошули завршуваат со манжетна на ракавите, додека кај женските кошули ракавите се почесто без манжетни, и затоа се носат еден вид ракавчиња – лактици, плетени од шаката до лактот, за заштита од студ.


Заради тоа што жените кога се бремени им треба поширока облека, како и за полесно движење на раците и нозете, на кошулите и саите кројот е со т.н.клинови, триаголни парчиња ткаенина вметнати под пазувите и од половината надолу, бочно поставени. Вакви триаголни парчиња служат за проширување и во долниот дел, кај нозете, за полесно одење и чекорење. Кај машката носија, како свечен дел за изведување игри на празници (русалиите), носеле врз кошулата „ф`стан" - еден вид богато набрано здолниште, кое не е секојдневна облека. Разлики има и во појасите: женскиот појас е со предиплување и потесен, едната половина еднобоен, а другата орнаментиран со прави шарки, додека машкиот е долг, најчесто црвен и декориран со попречна основа и при самото ткаење образува „каро дезен". Разлика постои и во елеците и др. облеки, зимски, и најчесто е по должина, материјал и крој. Додека мажите носат кратки елеци, шајачни панталони и волнени ногавици, жените носат волнени прегачи. На главата шубара носат мажите, а жените најчесто шамија. Разлика се гледа и кај китењето и накитот. Жените се посклони на китење и носат монистрени гердани, пафти, обетки, наушници, амајлии, тепелци за глава, колани, синџирчиња и прстени. Додека машкиот накит е многу ограничен и се состои од еден вид монистрен накит, ќустек и прстени, а подоцна се носи часовник и бројаница. Повозрасните мажи носат облека со потемни бои, на пример, бечвите се од шајак од црна или кафеава волна. Кај повозрасните жени исто се забележува употреба на потемни бои, како црна шамија, прегач со потемни бои - црна, кафеава, и само мал дел орнаментиран, најчесто во вид на фриз –лента во долниот дел од прегачот. Со стареењето, и накитот се редуцира, така што повозрасните жени носат помалку накит или воопшто не носат, дури и на празнични дни.




 

Референци:


Делот за поделба според возраст и пол е преземена од книгата: Етнологија на македонците 1, Ѓорѓи Здравев, Македонските народни носии според намената и функцијата, Скопје, 1996, 185.  

Останатиот опис на облеката 3.1 и 3.2  е врз основа на  сопствените истражувања и фотографиите се од Збирката Народна Облека и ткаеници при Етнолошкото одделение при НУ Завод и Музеј Струмица.


Користена литература:

Ѓ. Здравев, Македонски народни носии 1,1991,320                                                               

Ангелина Крстева, Македонски народни везови, Струмичка котлина, стр.328           


Сопствени истражувања во периодот од 2008 год. до 2019 год.    

Список на испитаници при теренските истражувања:

Здравка Томова, родена 1932 год., с.Смоларе,                                                                            

Јорданка Аризанова, родена 1928 год., с.Смоларе,                                                                          

Елена Дојчинова, родена 1940 год., с.Смоларе,                                                                         

Живка Георгиева, родена 1943 год., Старо Коњарино,                                                                    

Трајанка Стојкова, родена 1942 год.,с. Бадилен, живее во Ново Коњарино,                                  

Ѓурѓа Стоилкова, родена 1927 год., живее во Ново Коњарино,                                                     

Верка Малинова, родедна 1941 год., с.Мокриево,                                                                            

Виолета Костадинова, родена 1955 год., од с.Мокрино, мажена во с. Мокриево,                           

Велика Костадинова, родена 1942 год., с. Мокрино,                                                                          

Добра Ѓоргиева, родена 1955 год., с.Мокрино,                                                                                  

Зорка Велкова, родена 1959 год., с.Габрово,                                                                                    

Борис Велков, роден 1936 год., с.Габрово,                                                                                     

Убавка Георгиева, родена 1961 год., с. Мокрино, мажена во с.Габрово,                                           

Зорка Мишева, родена 1953 год., с.Моноспитово и др.


Comentarios


bottom of page