top of page

АРХЕОЛОШКИ И АНТРОПОЛОШКИ ИНДИКАТОРИ ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПОЛОВИТЕ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ИНДИВИДУИТЕ

Пишува:

М-р Зоран Рујак, 

археолог-советник кустос

Национална Установа,

Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица


За време на археолошките истражувања, од посебен интерес се проучувањата на половите карактеристики на населението. Врз основа на овие карактеристики се согледуваат различни индикатори, важни за создавање на објективна слика за социјалните и антрополошките процеси во текот на одреден временски период. Најголем дел на овие податоци се добиваат со истражувањата на погребувањата каде, неретко, се добиваат податоци од круцијално значење за основните параметри на секоја индивидуа. 


Во текот на археолошките истражувања, половите карактеристики на индивидуите се определуваат преку неколку значајни параметри. Пред сѐ, тоа се гробните прилози, неретко составени од лични предмети на покојникот. Пронајдените предмети имаат голема улога во определувањето на полот на индивидуата. Овие податоци, покрај антрополошката обработка, се обработуваат и статистички, при што се добиваат параметри важни за создавање на што пореална слика за развојот на општеството во целина. Со помош на физичката антропологија може да се определат и други параметри, како што се разни дегенаративни промени кај поединецот, со што се добива делумен увид и во здравствената состојба на популацијата. 


Најдобар увид во состојбата на популацијата се добива со помош на археолошки истражувања на погребувањата. И покрај тоа што постојат индивидуални погребувања, најчесто на истакнати поединци, сепак најдобри резултати се постигаат со истражувањето на некрополите (големи гробишта - заб. на уред.). Во постарите временски епохи, како во текот на неолитот, бележиме погребувања и во рамките на населбите, односно под самите живеалишта. Од друга страна, спорадични „погребувања“ се наоѓаат и во урнатините на градовите и населбите, предизвикани од природни катаклизми, како што се вулкански ерупции, земјотреси, поплави, пожари, но и од антропогени дејствија, како што се разурнувањата предизвикани од воените судири.


Во различни временски епохи, гробните прилози се состојат од различни предмети кои се директно поврзани со половите карактеристики на населението. Од друга страна, забележливо е одредено единство во гробните прилози кај машките и женските индивидуи. Тоа се, пред сѐ, предмети кои се оставаат во рамките на погребниот ритуал. За време на антиката, тоа се предмети составени од разни садови, ламби, монети итн. 


Уште во најстарите периоди на праисторијата, постои јасна поделба на машки и женски погребувања. Овие разлики понекогаш се видливи и во погребниот ритуал. На пример, при истражувањето на праисториските погребувања индивидуите се поставаат во згрчена, односно положба на фетус, со што симболично се поврзува раѓањето со смртта. За да се истакнат половите разлики, машките индивидуи понекогаш се погребуваат на десниот, а женските на левиот бок.  


Покрај ритуалите на погребувањата, гробните прилози играат значајна улога во согледувањето на карактерот на погребувањата. На пример, за правилно толкување на погребувањата со инцинерација (кремација), единствени податоци со кои можеме да ги определиме половите карактеристики на индивидуата, се гробните прилози. Овие прилози се најчесто составени од накит и други лични предмети кои одблиску ја определуваат индивидуата, односно нејзиниот пол, статус, занимање итн. Покрај монетите и накитот, во женските погребувања, неретко се наоѓаат пршлени за вретено, игли за шиење, ножици, огледала, стаклени шишенца за парфеми итн.



Од друга страна, овие прилози во машките погребувања речиси целосно отсуствуваат. Кај нив, зависи од статуст на индивидуата, се среќаваат сосема други предмети, поврзани со неговата улога во општеството, а накитот може целосно да отсуствува. Така на пр. во машките погребувања, неретко се среќава оружје (копје, меч, стрелки, делови од лак, буздоган итн.), воена опрема (шлемови, штитови, штитници за потколеница, подлактица итн.) и појасна опрема (токи, јазичиња, украси на ремените). Во машките погребувања неретко се среќаваат и делови од коњска опрема (узенгии, мамузи, узди итн.). Во машките погребувања, ако се појавува накит, тој е најчесто поврзан со статусот на покојникот. Честопати се работи за прстен (обично печатник), но неретко се појавуваат ленти од златен или сребрен лим, со кои биле покриени очите и устата на покојникот. Во побогатите погребувања понекогаш се среќаваат и златни маски, ракавици, сандали (Требениште, Пела, Кутлеш, Казанл`к...), како и голем дел од покуќнината на покојникот потребна за неговата лична благосостојба на „оној свет“. Во историските периоди, во погребувањата неретко се оставаат и монети. Тоа е т.н. „Харонов обол“, со кој покојникот треба да го плати (подмити) сплаварот Харон, да го пренесе од другата страна на реката Хикс. Во античката митологија тоа е реката која го дели надземниот од подземниот свет. 



Во конзервативните периоди, како во времето на христијанството, гробните прилози се речиси целосно униформирани. Во текот на овие периоди, машките и женските погребувања речиси целосно се разликуваат. И покрај тоа што постојат исклучоци, женските прилози во погребувањата неретко се составени од накит (обетки, ѓердан, белегзии, гривни, челници, монети и прстени). Од друга страна, машките погребувања имаат сосема различни гробни прилози. Тоа се, во прв ред, монети, алатки, токи, оружје и, во ретки случаеви, лични предмети. Исто така, во гробните прилози може да бидат вклучени и разни садови. 


Од друга страна, сликата на погребувањето на муслиманското население е сосема поразлична. Со оглед на тоа што муслиманите се погребуваат без прилози, погребувањата кај муслиманските индивидуи се многу потешки за согледување. Ако не постои гробна конструкција со натпис за покојникот, единствен показател за полните карактеристики на погребувањата се по пат на физичка антропологија.


***


Како што рековме, еден од главните фактори за определување на половите карактеристики кај погребувањата се антрополошките разлики помеѓу машките и женските индивидуи. При истражувањата на индивидуите посебно се бележат антрополошките остатоци преку согледување на карактеристиките на скелетот. Покрај индивидуалната старост и дегенеративните промени, со помош на физичка антропологија се утврдуваат и половите разлики на индивидуите.


Машките скелети обично се поголеми, а коските на екстремитетите (хумерусот, улната, радиусот, фемурот, тибијата и фибулата) се подолги и поголеми, во однос на женските. Од друга страна, иако женската карлица (пелвисот) е помала во однос на машката, таа е поширока, односно прилагодена за носење плод и раѓање. Исто така, ребрата кај машките индивидуи се малку пошироки во однос на женските.


Разликите во половите карактеристики посебно се акцентирани на краниумот, односно черепот. Веќе на прв поглед може да се востановат разликите на черепот кај машките и женските индивидуи. Така, на пример, машкиот череп е вообичаено поробусен во однос на женскиот. Надочните лаци (орбиталите) на фронталната коска на черепот, кај машките индивидуи, се многу поизразени. Исто така, вилицата (мандибулата) е многу поширока и посилна. Оттука, кај машките индивидуи забите се обично поголеми во однос на женските. Исто така, окципиталната коска (коската на тилот) кај машките индивидуи е испакната, додека кај женските е речиси рамна со останатиот дел од черепот. 


***


Се разбира, во половите карактеристики, кај различни индивидуи, постојат и отстапувања. Од таа причина, разликите помеѓу машките и женските полови крактеристики се бележат на скала од +1 до +5 и од -1 до -5. Така на пример, изразено машки карактеристики на скалата се одбележуваат со +5; значајни машки карактеристики со +4; јасни машки карактеристики +3; одредени машки карактеристики +2 и машки карактеристики со +1. Исто е и со женските карактеристики кои, на скалата, се движат од -5 до -1. Во ретки случаи постојат антрополошки карактеристики кај кои не е можно да се определи половата припадност на индивидуата, и тие обично се означуваат со 0.  


Во последно време и генетичките истражувања даваат пореална слика за индивидуалните полови карактеристики, но и за динамичките процеси и движењето на населението, преселбите, брачните врски, наследните особини итн. Ова е посебно истакнато преку проучувањето на хаплогрупите и митохондриската ДНК, со чија помош, денес ги следиме наследните врски и брановите на преселби, од праисторијата до денес.


Овде не треба да се исклучи и форензиката која дава значајни податоци за повредите на индивидуата, здравствените аномалии, односно дегенеративните промени на скелетот, па дури и за начинот на смртта. 


Како што рековме, податоците кои се однесуваат на антрополошките и археолошките остатоци даваат поширока слика за динамиката на процесите во општеството кои се одвиваат во одреден временски период. Со нивна помош се согледуваат многу аспекти важни за односите помеѓу половите, нивниот социјален статус, здравствените, па дури и наследните карактеристики. Исто така, овие податоци даваат одредена слика за воените конфикти, природните катаклизми и епидемии. Со нив се надополнуваат деловите „кои недостасуваат“ во историските процеси и се дава поширока интерпретација, па дури и реконструкција на настаните во минатото.


Општ заклучок е дека низ речиси сите временски епохи, од праисторијата до денес, кај различни култури и народи, машките и женските индивидуи се третирани различно, а се со цел да се истакнат нивните полови разлики, како на овој, така и на „оној свет“.


Commentaires


bottom of page