top of page

ДОПИС ДО МТСП: ОРГАНИЗИРАНИТЕ „ЈАВНИ“ ДЕБАТИ СЕ НЕРЕГУЛАРНИ

Коалицијата за заштита на децата испрати допис до Министерството за труд и социјална политика и министерката Јованка Тренчевска, со кој се потенцира дека организираните „јавни“ дебати не само што не се јавни и транспарентни, туку се и нерегуларни. Нерегуларноста се состои во тоа што МТСП постапува спротивно на законот и утврдените правила, со тоа што:


- новиот нацрт на предлог-Законот за родова еднаквост со направените измени, не е објавен ниту на веб-сајтот на МТСП ниту на ЕНЕР


- пошироката јавност воопшто не беше информирана за дебатите што се одржаа, ниту преку веб-сајтот на МТСП ниту преку медиумите


- на дебатерите не им е дадена можноста да ги разгледаат измените и соодветно да се подготват за дебатите


- на дебатите не беа поканети засегнатите страни. кои уште пред подолго време јасно им ставија до знаење дека сакаат да присуствуваат на истите.


Воедно, дебатите се нерегуларни затоа што во суштина воопшто не претставуваат реални дебати, каде победува најдобриот аргумент и онаа опција која ќе донесе најмногу корист за мнозинството народ, туку како што се изјасни г-ѓата Светлана Цветковска од МТСП која ги предводеше истите во Виница и Велес, не значи дека забелешките што ги посочуваат дебатерите ќе бидат прифатени од Министерството, без разлика на неприкосновеноста на аргументите.


Нерегуларноста е дополнително евидентна од тоа што г-ѓата Цветковска во повеќе наврати се обиде да ги дефокусира дебатерите и истапи со невистинити изјави, кои лесно може да ги побие кој било правник. Според неа, проблематичните дефиниции воопшто не се суштински и се само дефиниции кои немаат некоја посебна улога во однос на предлог-законот за кој се расправа или, накратко, според неа дефинициите се бескорисни и само пополнуваат простор.


Во контекст на нејзината изјава, сакаме да ѝ укажеме и да ѝ напоменеме на г-ѓата Цветковска да има предвид дека секој правен пропис мора да биде креиран и неговата содржина треба да биде изразена според принципот на единство на номотехниката. При изготвувањето на секој правен пропис треба да се води сметка истиот да биде правилно внатрешно изграден и уреден систем од одредби, кои треба да се поврзат во логичен систем без противречности, нелогичности и правни празнини.


Во таа насока, во општите одредби (во кои спаѓаат и одредбите за дефинирањето на значењето на изразите кои се употребени во законот и кои стандардно се формулираат на следниов начин ,,Одделни изрази го имаат следново значење:...") се содржани прашања, кои се од севкупно значење за целиот пропис.





bottom of page