top of page

КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Утрово се почувствував како „буба фолксваген“ со воздушно ладење!


Деновиве слушам, читам и ме бомбардираат од сите страни со правата и еднаквоста на жената и на детето, а во суштина, на мала врата, како и сè овде, во Македонија, се протнува родовата припадност. Родовата припадност, онака како ја дефинираат некои од невладините организации, Министерството за труд и социјална политика и европските дволични политиканти, се сведува на чувството на секој поединец, кој може да се дефинира себеси како машко, женско или како нешто друго без оглед на своите генетика и полови карактеристики. Со други зборови, машко со машки полов орган и мустаќи – за волја на вистината има и многу жени што имаат негувани мустаќи – може да се чувствува како жена или нешто друго и обратно, жената да се чувствува и доживува себеси како маж или како нешто друго. Нека се чувствуваат како што сакаат и нека се доживуваат како што сакаат, но Министерството во законот предвидело санкции и казни за сите оние што не го препознаваат и признаваат тоа нивно чувство, па ако на госпоѓа која се чувствува и доживува себеси како господин му/ѝ се обратиш со погрешен род, ти следува казна. Со други зборови, не го гледаш тоа што го гледаш со свои очи, туку треба да го гледаш со негови очи. Комплицирано и забегано, но што да се прави, освен да се правиш будала, па воопшто да не употребуваш род за именките, туку да смислиме новоговор како кај Орвел во 1984.


Посебно е интересно она во дефиницијата „нешто друго“. Што е тоа нешто друго, никому не му е јасно, ниту мене не ми беше јасно сè до пред неколу утра. Тоа нешто друго може да биде што било што ми текнало, можностите се бескрајни. Ако маж може да се чувствува како жена, а јас морам така да го перципирам или жена како маж или и едниот и другиот како нешто трето, она нешто друго, јас утрово се почувствував како „буба фолксваген“ со воздушно ладење.


Излегов од дома како возило „фолксваген буба“ и со 4 км на час по средната лента на „Партизанска“, на средина, како моторџиите, за да бидам сфатен сериозно како возило, се упатив кон работното место. Какви простаци, какви неедуцирани типови се овие со колите, свират, пцујат, навредуваат. „Ало, јас сум возило“, им велам, „така се почувствував утрово и ако продолжите, ќе ве пријавам во Советот за родова еднаквост“, а тие продолжија да свират и да навредуваат. „Како ли ќе стигнеме вака во Европа?“, се прашав.


Утредента повеќе не се чувствував како возило, некако ме болеа и полуосовините и задната шасија, па се почувствував некако инвалидизирано и се паркирав на местото за инвалиди. Веднаш реагираше оној од паркингот, велејќи ми: „Господине, немате налепница за инвалиди и не сте инвалид“. Му велам: „Налепница немам, инвалид не сум, ама денес се чувствувам така, а ти мора да ми го признаеш и прифатиш тоа право на мое чувство, согласно со законот и второ, немој ти мене родово да ме определуваш со ‘господине’, денес се чувствувам како нешто друго“. Остана збунет човекот и чудно ме гледаше, ама ништо не рече.


Од кола, право во банка на шалтер. „Добар ден, добар ден, господине“, ми вели шалтерскиот службеник. „Извинете“, велам јас, „јас родово не ве определив, па немојте ниту вие мене, денес не се чувствувам ниту како господин ниту како госпоѓа, туку како нешто друго“. Ме погледна чудно, не рече ништо и почека да кажам што барам на шалтерот. „Сакам да подигнам 2.000.000 денари“. „Книшката или трансакциската, ве молам“, а јас ѝ велам: „Немам, ама се чувствувам како да имам и вие морате да ми го признаете тоа право согласно со европските директиви и стандарди“. Го повика обезбедувањето и ме исфрли надвор. Не одам повеќе во оваа родово дискриминаторска банка.


Оттаму – право во Пензиско. Некако се почувствував уморно, обесправено, маргинализирано, баш како пензионер. Ми недостигале години стаж за во пензија. Попусто им објаснував дека се чувствувам како да ги имам и дека сум се изнаработил, ништо не ми признаа. Вака ли ќе одиме во Европа, без признавање на европските чувства и вредности?!


Сега одам во суд, да видам колку напредувале таму. Мојот клиент се чувствува невин и мора да му ги признаат и препознаат тие право и чувство, доказите не се важни, битно е чувството и како се доживуваш, а и нашите судови ретко гледаат докази и обично препознаваат чувства и желби на оние што се чувствуваат како да се од извршната власт.


Преземено: Вечер

bottom of page