top of page

ПОВИК ЗА ДУХОВНА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - Страшо Ангеловски

МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА Е ИСПРАВЕНА ПРЕД ДУХОВНА И МОРАЛНА КРИЗА.

ДЛАБОКO НАВЛЕЗЕНИ ПРОЦЕСИ НА ОБЕЗЛИЧУВАЊЕ, ГЛОБАЛИЗАЦИЈА, ОТУЃУВАЊЕ И РАЗНЕБИТУВАЊЕ ГИ РАЗНИШУВААТ ТЕМЕЛИТЕ НА НАШЕТО НАЦИОНАЛНО И ДУХОВНО ПОСТОЕЊЕ.

ПОТРЕБНА Е ЦЕЛОСНА ДУХОВНА МОБИЛИЗАЦИЈА ЗА ОБНОВА НА ВРЕДНОСТИТЕ, СВЕСТА И ИДЕНТИТЕТОТ.


Живееме во време кога се врши најагресивен напад врз целокупното човештво и неговите милениумски цивилизациски вредности.

Живееме во време кога наметнатиот и од никого непосакуван судир на цивилизации се заканува да уништи сѐ пред себе.

Живееме во време кога отворено се заговара депопулација на човештвото и сведување на бројката на жители на планетава на “златна милијарда“.

Живееме во време кога најагресивно се напаѓа секоја човекова припадност – полова, семејна, верска, национална, заради обликување поединец без чувство на каква и да е припадност и, лесно управување со него како со несвесно битие.

Живееме во време кога најагресивно се напаѓа детето за да уште од предучилишна возраст биде уништено со можноста да избира дали е машко или женско, дали е маче или куче.

Живееме во време кога најагресивно се напаѓа единственото природно семејство меѓу маж и жена, со форсирање неприродни истополови бракови.

Живееме во време кога најагресивно се напаѓа верата, која и да е, заради нејзината моќ на агресијата да и одговори со разбирање, мир и спасение.

Живееме во време кога најагресивно се работи на уништување на националните идентитети заради создавање наднационален свет управуван од еден центар, од никого избран и за никого познат.

За жал, токму ова време, од почетокот на деведесеттите години од минатиот век, кога заради инсталирање униполарен “либерален“ светски поредок, започнаа овие агресивни напади врз човековата колективност и неговата припадност на природниот пол, семејството, верата и нацијата, се поклопи со периодот на градењето на македонската независна држава и развојот на македонската нација.

Со упорното инсистирање на македонските политички “елити“, спротивно на волјата на неелитното мнозинство, по секоја цена да влеземе во “елитниот клуб“ на западнохристијанската “евроатлантска“ цивилизација, на кој воопшто не припаѓаме и, со кој, за жал, не споделуваме трајни, туку само “вредности на денот“, посебно не, оние агресивните горенаведени, најшироко се отворија вратите токму за овие најагресивни удари врз една кревка нација, како услови за влез во тој “елитен клуб“, нација на која не и беше дозволено да чекори по сопствениот пат – по патот на својата милениумска цивилизациска припадност, по патот, како многувековна калдрма, изграден од сопствените традиционални вредности, по патот на нашата историја, традиција и култура.


СТРАТЕШКИ НАСОКИ


Единствен начин да се победи агресивното лудило насочено кон уништување на милениумските цивилизациски вредности е насочувањето на човештвото кон духовноста.

Со еден збор, ова е борба на целото човештво за сопствен опстанок, но и поединечна битка на секој нормален поединец, на секое семејство, на секој народ, на секоја верска заедница воспоставена според Божјите заповеди, на секоја нација која се стреми кон сопствен опстанок и развој...

Во тоа име, свесни за загрозата на нашето постоење, длабоко уверени во вистинските духовни односи, најискрено ангажирани да помогнеме да се сочуваат милениумските цивилизациски вредности, да се сочува детето, семејството, верата и, пред сѐ, македонската нација, подготвивме и, на сите добронамерници им ја нудиме, како точка од која заедно ќе тргнеме во реализација:



НАШАТА ВИЗИЈА


ЗА МАКЕДОНИЈА КАКО ДУХОВНА ТВРДИНА НА ВРЕДНОСТИ, ВЕРА, ВИСТИНА, ЉУБОВ И БРАТСТВО,

ОБНОВЕНА И ОСВЕСТЕНА НАЦИЈА КОЈА ЌЕ СТОИ ИСПРАВЕНА ПРЕД СВЕТОТ, СО ДЛАБОКИ КОРЕНИ И СИЛНА ВОЛЈА ЗА ИДНИНАТА,

КАКО ПРЕДЛОГ СТРАТЕГИЈА ЗА НАСОЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА ВО ДУХОВНОСТА.


Насочувањето на македонската нација во духовноста е единствен начин да се сочува нацијата и националниот идентитет, во време кога ударот врз човештвото е најжесток токму кон малите нации и, со голема веројатност да предизвика нивно исчезнување. Единствен начин за свој спас, малите нации можат да најдат во сопственото насочување во духовноста и вредностите кои таа духовност ја сочинуваат

Насочувањето на македонската нација во духовноста, пред сѐ, значи опфат на секој еден припадник на македонската нација без разлика на тоа на која етничка целина, на која религиозна заедница, на која политичка ориентација припаѓа, зашто само со внесување на целата нација во духовноста, ќе имаме заедничка борба за успех и заедничко спротивставување на лудилото кое на сите нас подеднакво ни се заканува.

Насочувањето на нацијата во духовноста подразбира:

Враќање кон верата и основните Божји заповеди кои се еднакви за сите луѓе и за сите религиозни заедници – почитувај ги татка си и мајка си...; не убивај; не врши прељуба; не кради; не сведочи лажно против својот ближен; не пожелувај ништо што е туѓо!!!

Враќање кон традицијата која низ вековите нѐ одржала нас и нашиот идентитет – од фолклорот, преку копаничарството, фрескоживописот, автентичната архитектура, односите меѓу соседите, односите меѓу возрасните и младите... - со еден збор, традиционалниот начин на живот како начин на взаемно почитување и почитување на сѐ околу себе

Почитување на семејството како заедница на маж и жена и нивните машки и женски деца – синови и ќерки.

Враќање на воспитната компонента во сега оголениот образовен процес и воспоставување воспитно-образовен процес, дури, по примерот на Јапонија, барем првата година во училиштето да биде само година на воспитување на младите умови.

Училишно и домашно воспитување на секое женско дете дека е благословено да создаде семејство со еден маж, бидејќи во природата на неговото постоење е да зачне, во својата утроба да носи плод и, на светот да му дари нов живот – новиот живот што ќе го подари е суштината на неговото овоземно постоење и суштината на опстанокот на човештвото.

Училишно и домашно воспитување на секое машко дете дека е благословено да создаде семејство со една жена, со која заедно, на светот ќе му донесат нови животи, а секој нов живот е нов мал свет, благословено уште од почетокот на светот, да се грижи за создаденото семејство, во дамнината како ловец, со лак и стрела за да го прехрани, денес со труд, успешна работа и посветеност, за да преку своите деца, ја продолжи семејната лоза и овозможи да се создадат нови семејства, што е суштината на неговото овоземно постоење и суштината на опстанокот на човештвото.

Истовремено, училишно и домашно воспитување, заради разграничување, дека жената е рамноправна со мажот на духовен план и на план на права што на обајцата им следуваат како на човечки суштества, од фактот, дека жената е понежниот дел од човештвото, дека мажот од секогаш требало, а денес посебно, да има улога на нејзин заштитник, за да се избегне сѐ поприсутното семејно насилство.

Лебот и млекото повторно да патуваат од селото кон градот, зашто секоја нација каде лебот и млекото, се разбира, симболично, патуваат од градот кон селото, нема иднина. Тоа ќе рече, најитен и забрзан развој на земјоделието, но без кабинетски мерки, туку единствено преку целосна поддршка на земјоделските семејства и создавање услови за зголемување на нивниот број – земјоделските семејства се многудетни семејства и, низ вековите, чувари на верата, традицијата, семејните вредности, моралот... Денес, повеќе од потребни во процесот на зачувување на македонската нација.

Враќање на краток воен рок за да од момчињата создадеме мажи кои секое утро ќе го подигаат националното знаме и ќе ја пеат националната химна.

Враќање кон патриотизмот како гарант за постоење на државата (патријата), и извлекување на нацијата од замките на хедонизмот кој создава ненаситност од материјални богатства

Негување на патриотизмот како љубов и посветеност на ПАТРИЈАТА (татковината), не слепа послушност кон ПАРТИЈАТА (биро за вработување).

Да ги вратиме назад вистинските наместо лажните вредности – да се вреднува трудот, знаењето, посветеноста, чесноста и достоинството, наспроти лажниот гламур на старлети, дилери на дрога, збогатени тендерџии и криминалци.

Како начин за напредување да го промовираме знаењето, успешноста, посветеноста, наместо слепата партиска послушност кон “лидерот“.

Да го извлечеме секој поединец од конформизмот, од зоната на комфорот, каде претставува објект со кој се управува, за да ја преземе иднината во сопствени раце станувајќи субјект кој ќе управува.

Создавање творечко општество, општество што создава нови материјални и духовни вредности, на местото на голото потрошувачко општество.

Враќање кон културата на умот која создава нови и трајни културни вредности, наместо сѐ поприсутната култура на телото – празни физички “перформанси“, после кои не останува ништо трајно и вредно.

Вистинска емпатија кон животните наместо создавање празен култ, како пред распадот на римското царство и поставување коњи за сенатори и, ставање на искрената емпатија кон секое човечко суштество на прво место.

Борба за чиста еколошка средина, предизвикана од прочистен ум свесен за предизвиците пред кои е исправена планетата.

Враќање кон правдата како категорија што овозможува рамноправен живот на богатиот и сиромавиот, на функционерот и “обичниот“ граѓанин, правда подеднаква за секого, наместо голото право, како “неправда“, во нејзина замена.

Конзистентни ставови зад кои како сопствено “вјерују“ ќе можеме секогаш цврсто да стоиме, наместо двојните стандарди кои ги разјадуваат општествата и нациите и, се закануваат да го уништат светот.

Искрени заложби за светски мир, како заедничка сопственост на секој поединец на планетава, наместо војна, како сопственост на малкумина “самоизбрани“ да владеат со светот.

Труд и посветеност, наместо “снаодливост“ како, за жал, единствено прифатен, а лажен пат кон успехот.

Издвојување 5 проценти од БДП за:

1. здравството – за да не мораме децата да ги лекуваме со СМС пораки;

2. воспитно-образовните установи во кои ќе ни растат среќни деца; 3. културни институции во кои ќе ја доживуваме убавината на здравиот ум;

4. социјални потреби – за да нема гладни деца кои питачат по улиците, за помош на немоќните, сами да се издржуваат, за помош на возрасните кои немаат никакви примања, за достоинствен живот на нашите родители со ниски пензии...


Не 5 проценти за оружје кое ќе ги убива нашите деца, не 5 проценти за военото лудило кое се заканува да го уништи светот, не 5 проценти за натамошно енормно богатење на луѓето од воено-индустрискиот комплекс...


Со сѐ горенаведено, да го урнеме и уништиме воспоставениот систем на корупција, криминал, непотизам и партизација и, на неговите урнатини да изградиме нов систем на вистински духовни вредности

Уште многу, многу нешта, кои мораме да ги промениме, најпрво во сопствениот ум, во општеството, во светот...

Знаеме дека ќе биде тешко, знаеме дека ќе наидеме на отпор, знаеме дека организираните и добро платени групи и поединци за спроведување на либералната агенда за уништување на детето, семејството, верата и нацијата, жестоко ќе не нападнат.

Ние ги немаме парите, медиумите и поддршката од надворешни центри на моќ како нив, но ја имаме верата во она за што се бориме и, желбата, на нашите деца да им оставиме мирен и нормален свет, заснован на милениумски вредности и традиции.

Ова е нашиот прв чекор – а и најдолгиот пат започнува со првиот чекор, придружете ни се!!!


НОВАТА ДУХОВНОСТ НЕ ЗНАЧИ НОВА РЕЛИГИЈА – ТУКУ ВРАЌАЊЕ НА ДУШАТА.

ТОА Е ПОВИК ЗА БУДЕЊЕ, ОБЕДИНУВАЊЕ И ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА.

МАКЕДОНИЈА Е ПОВЕЌЕ ОД ГЕОГРАФИЈА - ТАА Е ДУХОВНА МИСЛА, ИСКРА И СВЕТЛИНА.

МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОПСТАНЕ САМО АКО СЕ ВРАТИ КАЈ СЕБЕ, АКО ЈА НАЈДЕ СВОЈАТА ДУША!!!


Comments


bottom of page