top of page

ТРАНСРОДОВИТЕ ДЕЦА: КРИМИНАЛНАТА ИДЕОЛОГИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ЖРТВИ - Сергеј Худиев



Во Британија една девојка доби судски спор против лекарите кои ја осакатија како дете, а во САД Бајден поддржува промена на полот на осумгодишно дете. Што се случува?


Две вести беа најактуелни извесно време - во САД, Џо Бајден активно поддржа жена која рече дека нејзиното осумгодишно дете е „трансродово“; а во Британија се случи спротивното - судот го усвои барањето на Кира Бел до клиниката, каде што како тинејџерка направила „промена на полот“.


Лекарите го искористиле неискуството на петнаесетгодишното девојче за да ѝ наметнат „полова транзиција“, ѝ вбризгувале тешки хормони, а на 20-годишна возраст ја пратиле на операција за отстранување на градите. Но, сега - девојката има 23 години - сфатила дека воопшто не е „родена во туѓо тело“, како што тврделе лекарите. Сѐ било во ред со нејзиното тело, таа само боледувала од депресија и ѝ требало психолошка помош, наместо доживотно изобличување.

Оваа тужба беше сосема очекувана и очекувано ќе има уште вакви тужби.




Жртви на „добронамерниците“ - кои се тие?


Нема ништо необично во оваа ситуација - дете (или тинејџер) што доживува психички проблеми или воопшто не ни доживува такво нешто, туку едноставно случајно се нарекол со име на женски лик од анимирана серија. На идеолошки мотивираните родители, кои беа желни да ја докажат својата лојалност кон прогресивната агенда, овојпат им беше дадена таква можност. Или не толку на родителите колку на консултантите, кои почнаа да си удираат по главите со идејата дека нивното дете сигурно ќе изврши самоубиство доколку не почнат да го воспитуваат како припадник на спротивниот пол - да се подготвува за хормонска „терапија“ и „промена на полот“.


Возрасни жртви, кои сфаќаат дека станале жртви на ужасно предавство од страна на луѓе од кои очекувале љубов и грижа - родителите и медицинските професионалци, доживотно биле осакатени психолошки, хормонски и физички во време кога сè уште биле премногу млади, зависни и неискусни за да се спротивстават на тоа.


Признавањето дека тие биле предадени, измамени и експлоатирани може да биде многу, многу болно. Во слична ситуација се и луѓето вмешани во тоталитарни култови: тие признаваат дека нивниот гуру не е духовен старешина во директен контакт со универзумот, туку едноставно е опасен психопат, и на луѓето им е тешко дури и откако тоа ќе стане болно очигледно, зашто тие премногу вложиле.


Исто така, на жртвите на култот на трансродовите им е многу тешко да кажат дека едноставно биле измамени и осакатени. Но, бројот на таквите луѓе неизбежно ќе расте според тоа колку што ќе расте бројот на оние кои ЛГБТ ентузијастите ќе ги хранат насилно со хормони и ќе ги оперираат.


Сепак, треба да се обидеме да одговориме на прашањето што неминовно се наметнува кај оние кои сето ова го набљудуваат од страна. Како дошле до таков живот? Како се случи тоа родителите да ги осакатат свои деца до крајот на животот - со целосно одобрение од медиумите и властите?


Секако, за ова е изградена одредена идеолошка слика за светот: според неа, некои луѓе се раѓаат „со мозок (или срце) од другиот пол“ и се осудени да страдаат во „туѓо“ тело. Најдоброто нешто што може да им се направи е да го прифатат нивниот „автентичен“ или „трансродовиот“ идентитет, за да бидат воспитани како припадници на спротивниот пол, да добијат „терапија“, односно да се хранат со силни хормони кои го потиснуваат нормалниот процес на полово созревање (пубертет), и, на крајот, да бидат оперирани со што ќе добијат надворешна сличност со лицата од спротивниот пол. Ако оставите човек да живее во „погрешно“ тело, тој ќе страда неподносливо и ќе се самоубие.


Затоа, само мрачните и нечовечки грешници, обично - религиозните фанатици, можат да се спротивстават на таквата филантропска акција како „промена на полот“. Сепак, феминистките, за кои е тешко да се каже дека се претерано побожни, но кои разбираат колку оваа „борба за правата на трансродовите луѓе“ влијае на жените, не се вклопуваат во оваа шема. И феминистките се запишани како дел од нашето топло општество на трансфобични негативци.


Можеби сте ја слушнале оваа приказна - грижливи родители кои даваат сè од себе за да му помогнат на своето дете, кое е родено „во погрешно тело“, и одвратни конзервативни злобни критичари, кои фрлаат камења по нив. Оваа приказна повторно и повторно ја раскажуваат прогресивните медиуми.




Што не е во ред со оваа слика?


Постои родова дисфорија - ментално пореметување, поради кое личноста се доживува себеси како личност од спротивниот пол и многу страда поради своето „погрешно“ тело. Ова е тешка, болна ситуација и луѓето кои ја доживуваат, треба да се третираат со сочувство и разбирање.


Сепак, родителите кои се загрижени за состојбата на нивните деца, можат да се утешат со фактот дека во огромното мнозинство на случаи, симптомите на родова дисфорија кај децата исчезнуваат веднаш штом ќе влезат во адолесценцијата. Мнозинството на деца, кои пројавуваат знаци на однесување како спротивниот пол, успеваат да пораснат во мир и прифаќање на своето тело.


Идејата дека човек може да се роди „со машки мозок во женско тело“ нема апсолутно никаква емпириска поддршка. Физиолошки, „трансродовите" луѓе во никој случај не се разликуваат од здравите луѓе од нивниот пол.


За да се прикрие овој факт, трансродовите луѓе понекогаш се мешаат со интерполовите; интерполовите се луѓе родени со својства од двата пола, но овој многу редок феномен нема никаква врска со трансродовоста. Трансродовоста е ментално пореметување, кое не може да се открие со никакви прегледи или анализи.

Прашањето што треба да им се постави на следбениците на ЛГБТИ+ идеологијата е: како знаете дека детето што сте го запишале како трансродова личност е навистина „родено во погрешно тело“? Како знаете дека ако го оставите на мира, тоа нема да порасне прифаќајќи го своето тело - како што се случува во повеќето случаи?

Првиот принцип на медицината е „не прави штета“. Па, што ако згрешите и наметнете „трансродов идентитет“ на дете кое би се снашло доста добро без операција и осакатување?


Дури и ако прифатиме дека некои луѓе се родени „во погрешно тело“ (што, во случајот на трансродовите луѓе, нема емпириски докази за тоа), како можеме да утврдиме дека ова дете е едно од нив? Што ако само осакатите дете врз основа на груба грешка во дијагнозата? Како ја разликувате „вродената“ трансродовост (ако веруваме во тоа) од наметнатата?


Детето е целосно зависно од возрасните и бара нивно одобрување. Како што се сеќава една поранешна трансродова личност: неговата баба сакала да го облекува во фустанче за девојчиња и се однесувала со него многу топло кога тој бил „девојче“. (Разговорите со него - и со други поранешни трансродови луѓе - може да се видат во филмот Transformed). Затоа тој мислел дека е многу подобро да се биде девојче.


Што ако децата се идентификуваат како спротивен пол, сакајќи да ги исполнат очекувањата на возрасните? И како може да се избегнат ваквите грешки од избезумен ентузијазам, со кој луѓето ги промовираат своите ставови?


Невозможно е да не се сврти вниманието на фактот дека неконзистентно голем број трансродови луѓе се „родени“ од либерални родители посветени на ЛГБТИ+ идеологијата. Сепак, ова не се само набљудувања, туку статистика.


Според официјалните податоци во Шведска, бројот на девојчиња на возраст од 12 до 17 години, кои се декларираат како „трансродови момчиња“, во периодот помеѓу 2008 и 2018 година е зголемен за 1500% (монструозна бројка, но е реална, имате можност сами да се уверите на линкот [1]). Ова не може да се објасни со некаква генетска аномалија која наеднаш ги зафати (како случајно да се случила) само Шведска, Британија и другите земји каде ЛГБТИ+ идеологијата е издигната на државен ранг.Тоа е последица на модата и индоктринацијата.


Така, фактите укажуваат дека „трансродовоста“ - барем во повеќето случаи - не е вродена, туку индуцирана појава.


Во друга културна средина, овие несреќни шведски (и од други земји) девојки би пораснале во мир со своите тела, би се венчале, би уживале во бракот и мајчинството, додека во толерантното општество ќе се соочат со „корекција на полот“ - како што се нарекува, тешки хормони и операции, кои доживотно ќе ги осакатат и ќе ги направат неспособни за брак или мајчинство.


Ако ова не е сериозно масовно злосторство, тогаш што е?




Зошто властите го поддржуваат ова?


Затоа што ова е психолошки многу паметна и ефикасна технологија за воспоставување контрола, која одлично функционира во истите тие тоталитарни култови. Однадвор, можеби изгледа чудно зошто водачите на различни култови бараат бесмислени, понижувачки или досадни постапки од луѓето. На прв поглед, се чини дека на тој начин ќе ги растераат сите свои поддржувачи. Сепак, ова води до спротивен резултат - вештиот е зајакнат во неговата посветеност на култот. Зошто? Бидејќи колку повеќе еден човек прави нешто бесмислено, понижувачко, па дури и криминално, толку му е потешко да признае дека сето тоа го направил залудно. Луѓето имаат тенденција да ги оправдуваат своите жртви и верно да се придржуваат до идеологиите во рамките на кои сето тоа не е монструозно криминална глупост, туку нешто извонредно и за пофалба.


Застапниците на трансродовата идеологија мора или да признаат дека залудно осакатувале деца - често, меѓу другото, и нивните сопствени деца - или да се држат до нивната слика за светот, и покрај фактот што таа е очигледно лажна, барајќи секој што ја доведува во прашање да биде замолчен.


Карактеристичен е фанатизмот со кој овие поддржувачи го напаѓаат секое несогласување поврзано со овој очигледен избор - ако оваа идеологија е погрешна, тогаш тие се или монструозни будали, или криминалци, или криминални будали. Адептот* мора постојано да вика и налутено да го крева оружјето против непријателот, за да ги смири овие сомнежи.


Резултатот е предвидлив - еден куп идеолошки фанатици, кои се фаќаат за оружје против Црквата, против лекарите кои го зачувале своето професионално достоинство, дури и против целосно либералните феминистки и воопшто против сите оние кои се осмелуваат да кажат збор.


И ако сакате да го ослободите општеството од сите погледи на светот, освен оној што мислите дека е вистинит и да ставите крај на слободата на говор, слободата на религија и слободата на научни истражувања, тогаш бројните фанатични приврзаници за кои да се признае вината значи да се стане криминалец, се токму она што вам ви треба.



*Сергиј Худиев е писател, новинар и радиоводител


-------------------------




*Адепт - посветен следбеник на некоја идеологија или движење.


4 views0 comments

Opmerkingen


bottom of page