Пишува: Филип Иванов - хуманитарец и пастор на Евангелската црква во Велес
Што знам, според мене не може цело време да плачеш дека си маргинализиран, кога истовремено имаш поддршка од најголемите и најбогатите центри на моќ од државата и надвор од неа! Еве, нека ми каже некој за друга „маргинализирана“ категорија на луѓе чии „интереси“ се толку широко застапувани од толку многу центри на влијание и моќ низ целиот свет, кои истовремено располагаат со такви ресурси што веќе утре можат да си ги решат сите наводни проблеми, а и понатаму да се жалат на дискриминација... Нема.
На чиј протест или парада кај нас се имаат појавено толку многу моќници на купче како на прајд парадата? На ниеден. Претседател, премиер, еден куп пратеници, министри, па амбасадори на најмоќните земји, па глумци, пејачи итн., сите со знаменца и поддршка, рамо до рамо заедно, додека за вистински дискриминираните и маргинализирани луѓе - штама, никој ни да плукне таму...
Ете зошто парадата на гордоста кај нас останува да биде собир на елитисти, идеолошки перформанс кој само демонстрира колку сте сите вие далеку од стварноста и секојдневната борба на обичните луѓе, без разлика дали тие се геј или стрејт. И реално, еден куп геј и про-геј луѓе не сакаат да се поистоветат со тие вашите квир перформанси со кои вие апла ги повредувате верските и семејните чувства на огромното мнозинство граѓани и создавате додатно непријателство, ама гајле ви е вас во елитата, секако за друго сте вие во оваа борба...
Признавам, во нашето општество има дискриминација, само нема никаква врска со сексуалноста.
Биди геј или стрејт, ако не си од вистинската партија - нема вработување.
Биди геј или стрејт, ако не си богат - нема добра здравствена грижа.
Биди геј или стрејт, ако си хендикепиран - нема основни услови за мобилност, вработување, и живот воопшто.
Биди геј или стрејт, ако дишеш воздух во Македонија - умираш од загадувањето.
Биди геј или стрејт, ако јадеш храна од оваа почва - се храниш со отрови.
И листата продолжува, за самохраните родители, за сираците, за работниците и работничките, за бездомниците, за стотиците илјади кои живеат во сиромаштија, без основни предуслови за среќен и исполнет живот, а сето тоа без разлика на нивната (а)сексуалност!
Тоа е тоа, можете да им спомнете нешто од ова на тие видни личности (премиер, претседател, министри, амбасадори, глумци и пејачи) што ќе дојдат и редовно даваат поддршка на вашата парада, зашто кај мене во црква не доаѓаат, но ете, јас не се жалам на дискриминација. 😉
Е, на крај, кога веќе го имате муабетот со амбасадорите, да ги прашате и зошто не веат виножитни знаменца и не поддржуваат геј паради во земји како Саудиска Арабија, за пример. Што, тоа што на тамошната геј популација над глава им виси смртна казна е ок, така? Слабо таму муабет за родови и родови идентитети, слабо некако ја туркаат таа идеологија нешто, што така? Туку таму продаваат оружје за милијарди, па лгбти луѓето нека одат курбан слободно, нели? Лицемери се сите тие на куп, ама вие си бирате друштво, вие си знаете...
Ништо лично, само пријателско укажување.
Comments