Гостин во денешната емисија на Утрински печат беше Ирена Цветковиќ од коалицијата „Маргини“, која е една од најактивните промотори на ЛГБТИ+ агендата и гласноговорник за легално признавање на родовиот идентитет, односно дека маж што се идентификува како жена треба од општеството да биде прифатен како жена без разлика како изгледа (истото се однесува и за жените), и активист за воведување на сеопфатно сексуално образование.
Цветковиќ и во оваа прилика не пропушти да ја спомене Коалицијата за заштита на децата, иако без да ја именува, и притоа макијавелистички да ги изврти фактите и да пласира лажни вести и дезинформации пред јавноста. Во нејзиното излагање, таа кажа дека Коалицијата е составена од 15-тина поединци (што е многу чудна математика со оглед на тоа што Коалицијата има 30-тина партнерски организации) и дека истата е „секој ден внатре во училиштата“ и „им го пере мозокот на децата“, па затоа може да видиме како „цели одделенија го цртаат логото“ на Коалицијата.
Една од лажните информации се состои во тоа што Цветковиќ изнесува клевета и лага дека Коалицијата е „секој ден во училиштата“, без притоа да наведе на кој начин и како Коалицијата успева тоа да го реализира. Доколку мисли дека ние, родителите, што како поединци сме дел од Коалицијата, секој ден сме вклучени во образованието на нашите деца, тогаш сосема е во право. Меѓутоа, во нејзиниот говор не станува збор за поединци, туку таа говори за Коалицијата како организација, која, пак, ниту еднаш не била физички присутна во ниту едно училиште за да спроведува проекти, туку напротив, наставниците со своите одделенија самите се пријавуваат на нашите онлајн проекти отворени за сета јавност.
Понатаму во нејзиниот говор останува нејасно како тоа Коалицијата со само 10-15 души може да постигне „цели одделенија да го цртаат логото“, а во исто време да не е вистина дека има поддршка од 90% од народот. Цветковиќ успеа овие неколку противречни аргументи да ги пласира во нецела минута, без притоа да забележи дека е контрадикторна самата на себе.
Очигледно е дека кај Цветковиќ постои страв од ефектот, способноста и резултатите Коалицијата, така што не би било погрешно ако претпоставиме дека тој страв би прераснал во панична фобија доколку Коалицијата навистина започне со физичко присуство и проекти „секој ден во училиштата“.
Потоа таа вели дека низ годините како активистика и феминистка „се изградила во трпелива личност“, со што прави поистоветување на платениот активизам со чистата љубов кон вистината. За разлика од неа, која според медиумите и годишните извештаи на Маргини е „дебело платена“ од Сорос, ние сме нефинансирани и неплатени родители, кои издвојуваме од своето слободно време и енергија за да делуваме, мотивирани од љубовта кон своите деца.
Цветковиќ нагласува дека таа е „проповедник на вистината“ и тврди дека фактите се на „нејзина страна“. За да испитаме дали таа навистина има трпение и дали фактите и вистината се навистина на нејзина страна, упатуваме повик до Цветковиќ и Хера за јавна дебата, за што дополнително и професионално ќе им бидат испратени официјални покани по мејл.
Comments