Во Новиот завет, поточно во Првото послание на Светиот Апостол Петар (1 Петр. 3, 1-7), е напишано дека жените треба да се трудат не само за надворешната убавина туку и за внатрешната, која потајно, како постојаност и тих дух е скриена во срцето, а која пред очите на Бога е исклучителна вредност и драгоценост. Апостол Петар во продолжение вели дека мажите треба да живеат разумно со своите жени, да ги почитуваат нивната нежност и женственост, да гледаат на нив како на еднакви битија на себеси, да ги сметаат за сонаследници на благодатниот живот и така, чувајќи ја оваа хармонија, без никакви пречки и застои да растат во молитвата.
Целото Свето писмо ги набљудува машко-женските односи на принципот на дополнувањето. Мажот е дополнение на жената, а жената е дополнение на мажот, тие се едно тело (Мар. 10, 8) и од нивното спојување во љубовта се раѓа новиот живот.
Секому му е јасна и очигледна разликата меѓу мажот и жената, ова не е само производ на некаква замислена теорија, и биологијата како егзактна наука ги прецизира овие разлики, и тоа: во хромозомите, во хормоните, во хипоталамусот, во нервните кола, во емоциите што произлегуваат од нив, во тежината, висината, во мускулната маса, во метаболизмот и во складирањето на маснотиите, во протокот на крвта и во телесната температура, во устата, во ларингсот, во видот, во слухот, во мирисот, па дури и во перцепцијата на бојата и снаоѓањето во мракот. Но за гордиот човек ова не е доволно.
Оној што расте и си ја храни суетата, на крајот неминовно и отворено почнува да му се противи и на Бога и на неговите природни закони, доживувајќи се себеси како оска околу која се врти светот. Не треба да потсетувам кој е родоначалник на ваквата погубна состојба. Денес, со упорното инсистирање за донесување закон за родова еднаквост, и тоа како е актуелен овој дух. Силата на овој дух е безочна, бескомпромисна и амбициозна во намерата да го измеша и поништи сето она што е Божјо и човечко. Да се потсетиме накратко. Според овој закон, не се битни биолошките карактеристики и зададености, доволно е само субјективно да изјавиш дека од утре си жена и веднаш добиваш можност рамноправно со нив да се натпреваруваш на секое општествено поле, со што целосно се субординираат биолошката жена и нејзината борба за еднакви можности и права во однос на биолошките мажи. На пример, ако си помалку надарен спортист, но имаш големи амбиции, преку овој закон речиси ти е загарантиран златниот медал во лесна атлетика на претстојната олимпијада. Во женските здруженија, рамо до рамо со биолошките жени, рамноправно ќе седнат биолошки мажи, кои преку своите веќе стекнати законски права, ќе одлучуваат што е корисно и полезно за жената. Страшно и апсурдно! Како наеднаш да сме префрлени во некоја друга паралелна реалност, каде што на секој чекор нè демне некое страшно чудовиште со неискажливи садистички пориви.
За нас православните христијани, Библијата е извор на секоја мудрост. Стариот завет изобилува со примери каде што е наведено дека и жената и мажот имаат исто достоинство и во секој поглед се еднакви пред законот Божји. Во Божјите заповеди еднакво се почитувани и таткото и мајката. Во книгата Изреки Соломонови е речено дека оној што ќе најде добродетелна жена, е како да нашол бисери и најскапоцени камења. Премудриот Соломон за жената уште рекол: „Срцето на нејзиниот маж е потпрено врз неа, и таа ќе му чини добрина во сите дни од неговиот живот. Таа, дланката своја му ја отвора на сиромав, а раката му ја подава на оној кој е во неволја.
Здравје и убавина е нејзината облека, и таа со радост гледа во иднината. Мудрост говори устата нејзина и поука на кротоста почива на нејзиниот јазик. Го пази и надгледува својот дом и не јаде од лебот на мрзеливоста“ (Изреки 31, 10-27). Во овие Соломонови стихови се содржани највредните женски карактеристики, како што се: нежноста, чистотата, емотивноста и се разбира мајчинството. Овде лежи нејзиното високо достоинство, овде се скриени печатот и принципот што ѝ е врежан од раката Божја. Библијата понатаму вели дека машкиот принцип е свештенството, кој се состои од самопрегорното татковство, кое е подготвено да љуби до самопожртвување, кое е обдарено со онаа иста љубов со која Христос ја возљуби Црквата и Себеси се предаде за неа (Еф. 5, 25). Мајчинството никако не стои скалило подолу од татковството. Напротив! Тоа се две еднакви дарби, од кои е сочинет здравиот развој на личноста.
Но, за жал, преку овој закон и тоа ќе биде загрозено. Невините дечиња, без некој да ги праша, ќе бидат принудени да растат во нездрава и опасна средина. Државата, со нејзин поттик, ризикува на нејзино тло да израснат психолошки накази и монструми. И сето тоа ќе биде направено во име на слободата. Тоа е одговорот на бранителите на овој закон. Нивна идеја водилка е дека на секоја индивидуа, без разлика како таа си го замислила животот, треба да ѝ се даде неограничена слобода. Но кој може да ги исправи сите нелогичности и да ги победи сите болести во овој свет? Што правиме со педофилите? И ним ли ќе им скројат закон по нивна мера? Како не се свесни дека сите нас другите нѐ подложуваат на опасни ризици. Што ќе биде со правата на невините деца, кои од почеток ќе растат во нездрава, но озаконета средина? Треба да знаат дека на секој што некогаш се дрзнал да ја „напатствува“ природата му било вратено со стократна разорна сила токму од истата таа природа, слично како цепкањето на малиот атом што ја пораѓа атомската бомба. Таква катастрофа од невидени размери неминовно ќе доживееме, доколку на сила ги измешаме мажот и жената, доколку покажеме отворено непочитување на Божјите и природните принципи, кои се утврдени уште од создавањето на светот и човекот.
Треба ли да потсетиме дека татковскиот инстинкт не е ист како мајчинскиот. Мажот не може да поседува нешто што од Бога не му е дадено и обратно. Нежноста на мајчинството, која ги совладува сите неволји и несреќи, не може да биде заменета со татковската посветена грижа и поука. За да порасне еден човек и наедно да биде среќен, потребно е во неговата личност да се соединат и двата пола, и двата принципа. Сите ние, свесно или несвесно, сме се напојувале и од двата извора. Ова не го тврди само Библијата, ова е егзактна теорема и на современата развојна и семејна психологија.
Кога современата жена ќе си постави цел да се претвори во маж, тогаш таа веднаш ќе ги загуби сите нејзини вистински вредности и сите нејзини женствени карактеристики. Ако во борбата за еднаквост жената ризикува да му стане соперник на мажот, тогаш во борбата за родова еднаквост мажот ќе стане доминантен во однос на жената. Тогаш сè ќе се измеша и претопи. Па, како производ на ваквата состојба, човекот ќе се претвори во збунето сениште, кое ќе го мине својот живот во страв и неизвесност.
Во Православната црква жената е поставена на највисок пиедестал. Во нашите храмови, на највидливото место, како најголема и најзначајна фреска е насликана Богородица, „Поширока од Небесата“, која во својата мајчина утроба го примила и сместила несместливиот Бог. Во модерниот либерализам ваквата конотација е незамислива, бидејќи нивното доживување на жената се движи единствено во доменот на политичката коректност. Тоа е нивниот максимум. На жената се гледа како на индустриски ресурс што треба да му послужи на Големиот брат во грабањето неизмерна моќ и власт и во трупањето незамисливи богатства. Поимите како што се: нежност, чувствителност, посветеност и ревност се допуштени само во поезијата.
Откако убедениот неолиберал ќе се добере до неограничената власт, која не трпи никаква одговорност, тогаш стапуваат во сила деспотизмот, угнетувањето и тиранијата. Тогаш е возможно да се создаде и секретаријат за родова еднаквост, некакво политбиро за морал, кое законски ќе ги контролира зборот, мислата и помислата. Токму ова е предвидено со законот за родова еднаквост, кој нам сега ни се предлага. Овој секретаријат ќе биде некаков вид ментална полиција што ќе оценува и, се разбира, ќе казнува за секоја мисла или збор што ќе биде спротивен на оваа демонска идеологија. Ако во комунизмот, семоќното и сезнајното политбиро казнуваше за вербален деликт, овие модерните „Европејци“ и „демократи“ ќе ја санкционираат дури и помислата. Ваков закон, каков што нам ни се спрема и предлага, не постои во ниедна држава на овој свет. Ние ќе бидеме експериментот, некаква лабораториската епрувета, чија загадена проба без размислување ќе биде фрлена во отпадот. Еве до каде планира да дофрли провинцијалниот и теснограден дух, кој лажно е занесен од идејата дека е попаметен од секој што некогаш живеел на овој свет.
За нас православните христијани жените се смели мироносици, чие срце не се уплашило и затреперило пред стражата на гробот Господов. Нивната верност ја породи храброста, која ги посрами мажите што се разбегаа пред налетот на толпата и силата на Кесарот. Бог го избира она што е слабо во светот за да ги посрами силните (1. Кор. 1, 27). Женската душа е проткаена со светост и чистота, со огромна љубов и гостопримство. Тоа е идеалот кон кого сите ние се стремиме. Жената е првиот сведок на страдањата Христови, тие се удостоиле први да му објават на светот дека Христос воскреснал, дека смртта е победена и дека рајот ги отворил своите живеалишта.
Жената е пример за светоста, украсен сад за благодатта на Светиот Дух, кандило на верата, душа на семејството, оган на молитвата и побожноста во нашите домови. Жената е нежна и кротка мајка, верна и вредна сопруга, пример во општеството, во работата, во негата на болните. Тие наши мајки, во својата внатрешност го чуваат неизбришливиот и блажен мирис на споменот и сеќавањето.
Е, токму тие жени треба да ги чуваме сигурни и неосквернети и да не му ги препуштиме на виорот што руши сè пред себе и кој остава пустош врз чија површина во иднина нема да никне ништо живо.
Преземено: Нова Македонија
Comments