top of page

ЗА ЗАКОНОТ ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ



Пишува: Владимир Ристов -

Советник во Советот на Општина Струмица


За законот за родова еднаквост, за полот како различна категорија од родот, како и многуте родови идентитети


Што е тоа „родова еднаквост“? Уште на сам почеток да дадам одговор на ова прашање, бидејќи станува збор за манипулативен термин, на кој наседнале многу моќни институции и луѓе, термин на кој наседале многу мажи и жени, сметајќи дека родовата идеологија е борба за женските права. Но, родовата идеологија по дефиниција е термин кој ги негира биолошките карактеристики на луѓето, односно во кој полот е биолошка карактеристика, а родот е социјален конструкт и секој може да се чувствува различно од својот биолошки пол, или можеби да не чувства припадност кон ниту еден пол и да биде флуиден во своите чувства. Се разбира, наместо да кажат јасна дефиниција, на овие простори манипулативно се претставува дека станува збор за идеологија која промовира рамноправност на жената со мажот.


Во процедура во нашата држава е предлог-Законот за родова еднаквост, закон кој е портал за внесување на родовата идеологија во македонските институции. И додека родовата идеологија во светот е актуелна неколку децении, во последно време многу земји и асоцијации почнаа да се повлекуваат од истата, бидејќи направи хаос во општествените системи. Додека ги гледаме примерите во светот и повлекувањето на ваквите закони, правилници и протоколи, во нашата држава се случува обратното - Министерството за труд и социјална политика, заедно со родовите активисти, насила туркаат закон за родова еднаквост. Закон, кој од корен ќе го смени нашето општество. По овој закон следуваат промени и во законот за матична евиденција, со кој ќе може да се направи промена на ознаката за пол, како и законот за недискриминација, со кој сите ќе бидат казнувани за имагинарни работи или чувства на одредена личност. Закон, со кој нема да добијат ништо ниту оние за кои се однесува овој закон, кој наместо емпатија и подавање рака кон различностите, ќе створи нетрпеливост во општеството. Закон, со кој најмногу ќе добијат шарените родови активисти, бидејќи ќе си обезбедат државно вработување согласно овој закон во Секретаријатот за родова еднаквост, а ќе загубат сите за кои се однесува законот, особено жените.


Читајќи го законот, на многу места се чувствував збунето, на некои места чудно, а имаше и места на кои се запрашував за моето постоење.


Уште на сам старт не ми е јасна целта на законот во член 2. Во една дефиниција се опфатени неколку различни нешта – потполна родова еднаквост, па заштита на статусот на жената, па еднакви можности на мажите и жените. И за овој член можеби никој нема да замери, повеќето луѓе нема ни да го забележат, но за тоа се тука дефинициите.


Во законот имаме дефениција што е тоа пол, што е род и дека род е различно од пол и се однесува на субјективните чувства на личноста; имаме дефиниција за „родова еднаквост“, која подразбира еднаквост на жените, мажите и луѓето со разновидни родови идентитети; понатаму, имаме и дефиниција за „родов идентитет“, со кој се дефинира дека личноста може да се чувствува и да го доживува сопственото тело различно од биолошкиот пол со кој е родена. Од тука ќе ни стане јасно дека законот е дијаметрално спротивен на најавените права на жената.



Што е тоа жена?

Зошто се спомнува жената, кога според законот - пол е различно од род, така што според тоа можеби жената не се чувствува како жена, туку можеби се чувствува како маж или како нешто сосема трето. Ајде да ја продискутираме збунувачка цел на законот: се зајакнува ли статусот на жената?


Од толку дефиниции, не може да видиме дефиниција што е тоа жена. А што всушност претставува жената? Жена е возрасно лице родено со женски биолошки пол. Дефиниција што ја учевме по биологија. „Лице според полот спротивно на мажот“ - е наведено во лексиконот на македонски зборови. Во правото во неколку закони, меѓу кои и законот за семејство, среќаваме дека жената може да биде мајка, на пример. И ако тоа е дефиниција за жена, овој закон не треба ни да постои.


Народот се смее на политичарите, бидејќи треба да дефинираме што е тоа жена. Замислете, во 21-ви век треба да дефинираме што е тоа жена! Оваа потреба се јави токму од законот кој го предлага МТСП.



Дали биолошки маж може да биде жена?


Дали според предлог-Закон за родова еднаквост секој може да биде жена? Маж може ли да биде жена, жена може ли да биде маж, со оглед на тоа што таму се зборува за „род“ и „родови идентитети“ кои се темелат исклучиво на чувствата?


И од тука натаму да разговараме за статусот на жената. Ако мажи, кои наводно го „промениле“ полот и станале жени, или едноставно мажи кои се самоидентификуваат како жени, почнаат да влегуваат во квотите за жени во политиката или се натпреваруваат во женските спортови, или користатат женски тоалети, каде ќе се правата на жените, кои по традиционалната дефиниција се биолошки жени?


Дали можат да се идентификуваат луѓето со ништо или со нешто, како животни и предмети?


Во целта на законот се зборува за потполна родова еднаквост, а во дефинициите - за жените, мажите и луѓето со разновидни родови идентитети. Па, оттука, кога зборуваме за родова еднаквост, зошто зборуваме само за еднаквост помеѓу мажите и жените? Според овој закон тоа е дискриминирачки, бидејки родовата еднаквост е поширок поим. Според дефиницијата, „родовиот идентитет“ се однесува на индивидуално и субјективно доживување. Оттука, дали тоа значи дека некој може да се идентификува како предмет, животно, како ништо итн.? Па така, на дефиницијата за „родова еднаквост“, соодветно треба да се додаде: „еднаквост помеѓу мажите, жените, фоките, цреповите итн.“, зашто некој можеби се идентификува како маж, друг како жена, а трет како фока. Секој според чувствата!



Колку родови идентитети постојат?


Кога веќе се спомнуваат „род“ и „родов идентитет“ со дефиниции, предлагачите на законот треба да приложат и целосна листа колку родови идентитети има на број, кои се тие и што означуваат. Во законот не пишува колку родови идентитети постојат, но според ССО Азбуката издадена од Хера, постојат безброј родови идентитети.

Има една народна, која вели ,,постојат 1000 карактери”. Да не случајно родовиот идентитет го помешале со карактерот, бидејќи секоја личност е уникатна и со свое изразување во говорот, однесувањето, облеката и сл. Да се зборува дека има безброј карактери е научен факт докажан од психологијата, додека пак родот/родовиот идентитет, кој реално по дефиниција е мешавина од разбирањето што е тоа карактер и пол, е измислена терминологија, која е спротивна на моето разбирање и е спротивна на научните факти.



Дали ќе се смета дека присутните на струмичкиот карневал изразиле желба за различен родов идентитет?


Кога сме кај разновидните родови идентитети кај децата, според дефиницијата на овој закон во верзијата што се наоѓа на ЕНЕР, тој ги опфаќа сите „жени, мажи и лица со разновидни родови идентитети“, вклучувајќи ги и лицата до 18 годишна возраст т.е. децата. Оваа дефиниција, иако не постои во поновата предлог верзија на законот, сепак повторно законот не ги исклучува малолетниците.


Лицата до 18 години во Македонија не можат да купат алкохол и цигари, но можат да имаат различен родов идентитет. Значи, ние како мали на струмичките карневали досега сме смениле еден куп родови идентитети, бидејќи како мали сме се чувствувале како желки и бевме нинџа желки, или бевме еднорози и бетмени. Според тој закон, мојот идентитет тогаш ќе бил нинџа желков. А оние момчиња што се маскираа како жени на средношколските маскембали, можеби ќе беа подложени и на хормонска терапија и ќе беа пумпани со женски хормони според практиката на таквите закони во другите земји, бидејќи ќе беа квалификувани како „жени заробени во машко тело“.



На контролата на предлог-Законот за родовата еднаквост во државата, можат да ѝ завидат и гестапо и информбирото


Според членовите, овој закон ќе биде применлив насекаде во сите јавни и приватни институции и домовите на луѓето. Дали тоа ѝ е јасно на јавноста?! На видовите мерки со кои ќе се контролира примената на законот и на санкциите од непримената и дискриминацијата, можат да им позавидат и гестапо и информбирото.

Па така, овој закон предвидува формирање на Секретаријат во Владата, кој ќе ги спроведува политиките, а ќе има надлежност поголема дури и од судовите. Овој Секретаријат ќе овозможи вработување на голем број лица, кои според спецификациите понатаму мораат да имаат искуство од работа со родова еднаквост. Такви предиспозиции за работа ќе имаат единствено активистите кои го туркаат овој закон и имаат корист истиот да помине, бидејќи ќе си добијат Секретаријат платен со државни пари, во кој ќе може да праваат што си сакаат. Законот предвидува заменик претседател на Владата или вицепремиер за родова еднаквост. Предвидува ресурсен центар, предвидува и образовни политики, кои ќе ги диктира Секретаријатот, како учебници за децата и слично. Законот предвидува и формирање на силни тела и во локалните самоуправи.


Овој закон, кој се промовира како закон за заштита од дискриминација, ја содржи најсуровата дискриминација кон верниците и религиозните луѓе, бидејќи истите ќе мора да ја прифатат новата "вистина", спротивна од нивните религиозни убедувања, а проповедите на свештениците ќе подлежат на казнени мерки, поради тоа што ќе ја проповедаат вистината, различна од онаа што ќе ја утврди Секретаријатот за родова еднаквост.



Предрасуди, дискриминации и казни


Во дефиницијата за „родова предрасуда“ стои дека истата претставува „став или чувство – независно дали позитивно или негативно, свесно или несвесно – што некој може да го има за припадниците на други групи, кое може да е засновано на однапред создадени идеи и под влијание на елементи како род, пол, родов идентитет, лични карактеристики и други фактори“.


Законот ги банализира и казните и тука остануваат голем број нејаснотии, како на пример, ако дојдам во конфликт со некој другар и тој од инает ми рече дека од сега натаму сака да го третирам како жена, а јас тоа го одбијам, и тој ме пријави за дискриминација, како ќе се докаже дека тој навистина е „жена" или лаже? А што ако утредента рече дека веќе не е жена, како ќе се докаже дека во моментот на конфликтот се чувствувал како жена?


Ама Секретаријатот за родова еднаквост е на негова страна, дури го ослободува и од судски такси ако реши да поведе спор. Кога ќе се стигне до суд, на кој начин судот ќе го утврди неговиот родов идентитет, различен од биолошкиот пол?

За оваа колумна сигурно би бил санкциониран ако овој закон беше во функција. Ќе бидам санкциониран ако на жена ѝ се обратам во женска форма, а таа го „променила“ полот или едноставно се самоидентификува како маж, иако пред мене гледам жена.

Против законот е целото општество, освен оние кои насила го туркаат. Верските заедници упатија протест против овој закон, голем дел од членовите на политичките партии - без разлика на нивната идеолшка определеност - се против овој закон, дури и либералите се против.


Родителите, верниците, жените, сите во општеството да го кренат својот глас против овој закон. Да ги зачуваме семејните вредности, да го зачуваме општеството од хаосот кој ќе го предизвика оваа идеологија, да ги заштитиме жените и децата!

bottom of page