top of page

8 МАРТ НАСОЧЕН ПРОТИВ МАЖИТЕ



Во последниве две недели видовме како сите оние организации спонзорирани од Сорос и слични такви „хуманитарци“, дигнаа голема фама за 8 Март на Фејсбук, по порталите и на ТВ дека жените не можеле да преживеат во Македонија и дека полека стануваат ендемски вид, благодарение на насилството на мажите. На сето тоа претходеа и нивните театралности за „токсичната мажественост“, со која го труеја просторот со месеци, која кулминираше со „достоинствен“ протест - чукање на тенџериња, вревење и викање среде Скопје.


Велам, го труеја просторот, затоа што нивните ставови се темелат на толку лабилни изјави, што кога ќе се помножат со фактот дека нивните активности се финансирани од „добронамерните хуманитарци“ што ги спомнав на почеток, не е возможно човек да не се запраша дали тука станува збор за точно смислена агенда, која со помош на медиумите и малите екрани се шири низ домовите на целото население во Македонија.


Можеби некој очекуваше повеќе, но овој осмомартовски марш заврши трагично и самоубиствено за сите оние промотери на настанот, кои се толку „загрижени“ за правата на жените. И не можеше никако поинаку да заврши при толку бесмислени пораки и транспаренти. Едноставно, може само мозок да ве заболи од истите.


Ќе ги оставам настрана оние со кои крајно се избламираа - дека не си феминистка ако не прифаќаш дека мажите што се декларираат како жени се навистина жени и дека на „сексуалните работнички“ треба да им се даде подеднаква чест како на дамите, и ќе го фрлам фокусот на следниве бесмислености:


— велат, жените немале редовен јавен превоз, небаре проблемот со превозот ги засега само жените, а не и мажите и децата во Македонија;


— жените не знаат дали ќе ја преживеат следната рутинска лекарска интервенција, небаре пропаднатото здравство кај нас ги засега само жените, а не и мажите и децата;


— жените се грижеле дали ќе има место во градинка за нивното дете, небаре тоа дете е само на мајката, а таткото е безгрижен и незаинтересиран;


— „да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш секојдневното насилство од партнерот кое веќе си пробала да го пријавиш...“ – велат во својата замислена праведност и моралност.


Оваа последна реченица е така скроена, што можеби некој ќе помисли дека станува збор само за оние жени, кои навистина се жртви на семејно насилство, ама не... не се мисли само на тие жени и само на таквите психопати од мажи кои крвнички посегнуваат по телесниот интегритет на жената. Искуството од светот ни кажува дека овие т.н. активисти за „женските права“ сметаат дека на сите мажи им е вродено да бидат силеџии, насилници, злоставувачи... Затоа можевме да видиме дека во некои училишта ги тераат момчињата да станат и да им се извинат на девојчињата за сексизмот и „токсичната мажественост“ во името на сите припадници на машкиот пол. Да повторам, машките деца треба да им се извинуваат на женските, само затоа што тие со некој Х силувач и насилник делат едно заедничко нешто – полот! И не само тоа, уште полошо, постојат дури и организирани групи на жени, чие мото е „убијте ги сите мажи“! Се разбира, ова не важи за припадниците на ЛГБТ движењето.


Со самата оваа нивна искажана „мудрост“, со тоа што ги ставаат сите мажи во исти кош со психопати, од една страна ги омаловажуваат нашите синови, сопрузи, браќа, татковци, братучеди, чичковци и најдобри другари, небаре сите жени во Македонија, без исклучок, трпат насилство од „партнерите“, а од друга страна кажуваат и една голема лага: дека само жените трпат насилство, а мажите никогаш не се жртви и никогаш не трпат насилство. Ваквиот остар дихотомски дуализам — сите жени се ангели и нема меѓу нив психопати, а сите мажи се психопати и нема меѓу нив ангели — е болна, искривена и тенденциозна претстава на светот.


Тогаш, што е со мажите во нивните организации? Или тие мажи се искупиле од својата вродена „токсична мажественост“, само затоа што без приговор го поддржуваат и учествуваат во ваквиот активизам? Да доловам попрецизно – без приговор, за добра пара. Но, се чини дека според нив, крајниот круг на чистилиштето е ако тие мажи станат хомосексуалци, тогаш се сосема искупени, избањати и очистени од таа токсичност во себе и веќе не се способни за агресија и повредување на другите. Просто, го достигнале врвот на осветувањето, станале машки ангели (или како и да се идентификуваат), затоа никогаш не зборуваат за насилството што тие го демонстрираат во нивната ЛГБТ заедница.


Токсични се крајностите со кои овие организации им го полнат умот на младите девојки под изговор „правата на жените“, со што им внесуваат презир и страв од машкиот пол. Секое учење, кое влече кон едниот или другиот пол, е само нездрава крајност што предизвикува продлабочување на проблемите и психо-социјални нарушувања кај оние кои ќе ги восприемат таквите учења.


Да ги потсетам овие активисти дека мажи (нивните татковци) ги имаат створено, дека мажи го имаат измислено интернетот на кој најмногу брмчат, мажи ги имаат изградено зградите, куќите и патиштата во кои живеат и по кои газат, мажи ги имаат направено автомобилите со кои се движат, мажи со пушка ја заштитуваат оваа земја од непријателски напади, мажи ги спасуваа жртвите од земјотресот во Турција и Сирија и насекаде во светот – мажи го ризикуваат животот за останатите...


Мажите заслужуваат само „благодарам“, а психопати, без разлика дали се од машки или женски пол, заслужуваат соодветна казна.








bottom of page